Никој не открива кои објекти биле мета на терористичката ќелија поврзана со ИСИС
21-годишен гостиварец ја предводел терористичката ќелија која била поврзана со ИСИС. Планирани биле терористички напади на цивилни цели и јавни објекти, но обвинителството не открива кои биле нивните мети. Оттаму информираат дека по повеќемесечна истрага во која вклучена била и Агенцијата за национална безбедност детектирана била пропаганда за регрутирање нови членови и преку социјалните мрежи
Првосомничениот во почетокот на 2024 година формирал повеќе групи на социјалната мрежа Telegram каде искажувал целосна подготвеност и намера за извршување на терористички напад, како и поттикнување на други лица за извршување на терористички напади во Европа. Во групите е споделен претходно набавен и преработен – преведен пропаганден материјал на ИСИС, регрутирајќи нови членови, правејќи обиди за набавка на огнено оружје, како и споделувајќи упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи кои што потоа ќе бидат искористени за извршување на терористички напади, информираат од ОЈО ГОК.
Кривичен го прифати барањето на обвинителите и на 4цата приведени веќе им е определен 30 дневен притвор, осомничени за терористичка организација. При вчерашните претреси МВР заплени повеќе докази кои им се предадени на обвинителите.
Последен пат МВР информираше дека во земјава е спречен терористички напад од ИСИС во февруари 2019-та, но освен штурото соопштение јавноста тогаш не дозна никакви други информации. Три години претходно, во ноември 2016-та приведени беа две лица кои планирале терористички напади, но ниту тогаш полицијата не ја откри нивната мета. Истата година во судскиот процес Ќелија 11 лица обвинети дека учествувале на воените боишта во Сирија, признаа вина и добија затворски казни од 2 до 7 години, меѓу нив највисока казна доби првообвинетиот Оџата Реџеп Мемиши од Чаир.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар