Македонија
23. November 2021 - 8:12

Николов: Состојбата на преживеаните македонски патници е стабилна

Главниот комесар за противпожарна безбедност и заштита на населението во бугарското МВР Николај Николов за Нова ТВ изјави дека состојбата на преживеаните во сообраќајната несреќа на автопатот „Струма“ е стабилна. Тие се сместени во болницата „Пирогов“ во Софија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, бугарските власти се обидуваат од изјави на преживеаните да добијат слика за несреќата што би им помогнало на истражните органи да ги утврдат причините.

Реонот на несреќата е отсечен веќе три часа и никој не може да се доближи до местото на трагедијата, јавуваат бугарските медиуми и нивните екипи.

Во болницата Пирогов веќе пристигнал македонски дипломат од амбасадата во Софија, кој, како што јави Нова ТВ, не можел да го потврди бројот на примени граѓани на Македонија, но според него меѓу загинатите има и еден бугарски државјанин.