Македонија
2. February 2023 - 16:46

Нов владин кабинет до крајот на неделата, предлогот за нов министер за правда со неколку кривични пријави

СДСМ и Алијанса на Албанците стигнаа со преговорите за влез во владата до третиот ешалон – директорски места, откриваат извори од преговарачките тимови на двете партии. 

Разговорите овие два дена ќе се водат на пониско ниво, но не е исклучено викендот да има дури и состанок Ковачевски – Таравари. 

Според изворите реконструкцијата на владиниот кабинет за да се направат промените треба да се очекува многу брзо во првата половина во февруари. Според собранискиот календар, нова собраниска седница во овој период е закажана на 13 февруари.

Од СДСМ и официјално потврдуваат дека по коалицискиот договор, новата Влада треба да ја добиеме месецов.

Од досега во разговорите, остануваат фиксни здравство и правда за Алијанса и плус трето министерство согласно размените што би ги направиле СДСМ и ДУИ во образование, земјоделие и информатичко општество.

Во меѓувреме за еден од кандидатите на Алијанса за министерска позиција во правда - Кренар Лога излегоа информации дека во 2017 година за него и неговиот брат била поднесена кривична пријава за насилство.

Но,тој во телефонски разговор за Сител тврди дека сите постапки се стопирани поради недостаток за докази, а пријавите биле политички мотивирани.

Лога пред само две недели беше избран за генерален секретар на Алијанса а и е дел од преговарачкиот тим на партијата за влез во Владата

Од договорот СДСМ-Алијанса пак, ќе зависат и позициите на Алтернатива. Како што синоќа изјави Гаши, неговата партија е подготвена за компромис за распределбата на ресорите, кој би бил договорен на нова негова средба со Ковачевски.

Неофицијално, Алтернатива е во крајна линија е подготвена да го отстапи ресорот здравство, но за заметка на тоа да не се чепне ниту едно директорско место.