Македонија
22. March 2025 - 16:57

Од идната недела ќе почне враќањето на дел од повредените на лекување во странство

Од идната недела ќе почне враќањето на првите пациенти – настрадани од пожарот во Кочани испратени на лекување во странство, најавуваат од Владата.

Во моментов во болници надвор од Македонија се наоѓаат 115 пациенти, од нив шест се уште се критични – двајца што се на лекување во Љубљана и четвроица во Белград. Добра вест пак, е што петтмина од повредените од понеделник се враќаат дома и тоа по двајца пациенти од Шпанија и Австрија и еден од Шведска. Враќањето ќе се одвива по посебни протоколи, а се размислува и за странска медицинска помош за продолженото лекување дома. 

Владата уверува дека останува на одлуката сите потреби и трошоци што ги имаат семејствата да бидат покриени од страна на Владата.  Донациите се само плус помош за настраданите, велат од таму.

Од фондот за здравство нагласуваат дека и боледувањата за настраданите и нивните семејства ќе бидат со 100 отсто покриеност.

Во меѓувреме, не претстануваат донациите што граѓани, фирми, општини, институции ги уплаќаат на  солидарната сметка на Црвениот крст за настрадините во страотниот пожар во Кочани. До утрoво се собрани речиси 52 милиони денари или близу 850 илјади евра, информираат од организацијата. 

Оние кои сакаат да помогнат и да се вклучат во хуманитарната акција можат да донираат со телефонско јавување на телефонскиот број 143 400 од сите мобилни оператори и на жиро сметката на Црвениот Крст.