Бизнис
2. September 2019 - 13:08

Општините во соработка со ЕСКО фирми ќе поставуваат енергетски-ефикасно улично осветлување

Дистрибутери на светилки, инсталатерски и фирми за одржување, како и која било друга компанија што има соодветна експертиза или допирна точка со јавното улично осветлување, може да се пријави за реализација на ЕСКО проектот финансиран од Регионалната програма за енергетска ефикасност (РЕЕП).

Како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора на Македонија, проектот предвидува поставување енергетски-ефикасно јавно улично осветлување во општините.

Засега интерес покажале околу 20 општини, но со имплементацијата на ЕСКО проектот за почеток ќе бидат опфатени пет-пилот единици на локалната самоуправа: Валанадово, Македонска Каменица, Радовиш, Василево и Чешиново – Облешево.

-Целта е заштеда на трошоците, подобра услуга за граѓаните и борба против климатските промени, истакна координаторот на проектот, Здравко Стефановски.

Тој објасни дека овој и натамошните ЕСКО проекти финансиски во целост ги покриваат ЕСКО компаниите. Општините практично ги отплаќаат проектите (преку месечни ануитети) од заштедите на трошоците за енергија кои претходно ги пресметале и утврдиле ЕСКО компаниите.

– По истекот на договорот, опремата и целокупната заштеда на енергија останува во сопственост на крајниот корисник, во овој случај општината, подвлече Стефановски.

Според него, а како што дополни и Валентина Старделова од Секторот за енергетика во Министерството за економија, ЕСКО компанија може да биде секоја што има експертиза за услугата што сака да ја даде. Посебни услови и барања со закон не се дефинирани.

-Законски барања дополнителни нема. Преку аплицирањето за финансиски средства до банките, всушност се проверува експертизата на ЕСКО компаниите, дали се соодветни, како го изработиле концептот на проектот и дали преку тој концепт ќе се остварат заштедите што се наведени, рече Старделова.

Стефановски најави дека на 5 септември во Стопанската комора ќе се одржи работилница на која ќе бидат презентирани техничката и тендерската документација за јавното улично осветлување изготевна од страна на пилот-општините, основните начела на ЕСКО моделот, односно договорот за енергетски услуги што согласно подзаконските акти што се подготвуваат ќе мора да се потпише меѓу давателот и корисникот, како и постапката за јавно-приватно партнерство за објавување на тендерската документација од страна на општините.