Османи: Досега реализирани 34 од 73 мерки во делот 3 од Планот 3-6-9
Од вкупно предвидените 73 мерки во делот 3 од Планот 3-6-9 досега се реализирани 34 мерки што претставува реализација од скоро половина од мерките, 30 се во тек, но се во рамки на роковите, а за неколку веќе имаме констатирано дека доцнат. Тоа и не е така лошо ако се има предвид дека се наоѓаме на половина од предвиденото време, но исто така ова треба да претставува и предупредување за поголем фокус како на Владата, така и на администрацијата и другите институции кон имплементација на мерките од Планот 3-6-9.
Ова денеска во Владата го истакна вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи пред почетокот на седницата на Работниот комитет за европски интеграции со која тој претседава.
- Изминатиот период за нас како Влада како никогаш порано беше посветен на европската агенда на Република Македонија. Покрај тоа што затворивме дел од политичките прашања, посебен беше акцентот на самите реформи. Направивме план за итни реформски приоритети за кои дадовме рок да ги адресираме во првите три месеци. Сега се наоѓаме на половина од предвидениот рок за реализација на дел од Планот 3-6-9 за чија што имплементација имаме преземено обврска да ја завршиме пред локалните избори, рече Османи.
Тој посочи дека мерките од областа на Собранието веќе имаат стопроцентна реализација и тоа е за поздравување. Но, во некои сектори, нагласи, имплементирани се помалку од една третина од мерките, како што се во областа судски реформи, миграции, мерките врзани за борба против организираниот криминал, делот на изборите итн.
- Токму затоа денеска го реактивирав и го иницирав овој состанок како 36. работна средба на Работниот комитет за евроинтеграции кој иако постои дури од 1997 година долги години неговата работа некако беше запуштена. Тоа сакам денеска да го променам и најавувам дека Работниот комитет планирам да се состанува најмалку еднаш на два месеца, а по потреба и почесто, а следи и реактивирање на поткомитетот на Работниот комитет за евроинтеграции кој ја следи легислативната агенда на Владата за сите акти кои се поврзани со процесот на европската интеграција, како и сите работни групи кои ги покриваат 33-те поглавја на европското право, истакна Османи.
Информира дека во овие групи членуваат околу 800 административни службеници, а предвидено е и учество на граѓанскиот сектор во насока на целосна инклузивност и транспарентност на процесот кој не засега сите нас подеднакво.
Од денеска, потенцира, овој највисок административен состав, државни секретари, државни советници и воопшто највисоките претставници на државната администрација во моментов, ќе ја носи најголемата одговорност за фокусот на администрацијата на предложените реформи. - Како Влада веќе демонстриравме политичка волја, а со фокус на членовите на Работниот комитет за евроинтеграции, како и со работата на целата администрација голем број од мерките од Планот 3-6-9 веќе се имплементирани. Но, тоа очигледно не е доволно. Сепак во некои ресори се констатирани се доцнења, а некаде се уште не се добиени прецизни информации за статусот на реализација, рече Османи.
Посочи дека како Влада имаат реализирано преку десеттина мерки како што е одлуката за стопирање на владините реклами во медиумите, одлуката за формирање на Совет за спроведување на реформи во правосудството, меѓутоа доцнат со мерките за спречување и користење на државни ресурси за време на изборниот период, нешто што според планот требаше да биде реализирано во јули, а секако изборите се ближат.
- Досега како Влада требаше да усвоиме и изјава за силна политичка волја за примена на етичкиот кодекс за медиумско известување, како и декларацијата против заплашување на администрацијата и охрабрување да се пријават такви случаи. Утринава добивме информација дека на следната седница на Влада генералниот секреатар ќе ги стави на дневен ред овие прашања, рече Османи и додаде дека доцнења има и во другите ресори.
Министерството за внатрешни работи, појасни Османи, има реализирано повеќето од мерките предвидени во нивниот ресор, а една од нив е формирање на преговарачкиот тим за статусниот договор за Фронтекс, меѓутоа, како што рече, се уште ја нема започнато подготовката на новиот предлог закон за заштита на сведоци каде се уште ја договараат ингиренцијата и поделбата на обврските со Министерството за правда.
- Доцнења има кај институциите кои се надвор од ингеренциите на Владата, како што е Собранието, каде се уште немаме инклузивна дискусија за избор на модел за реформа на системот за следење на комуникациите, а Собранието на пример доцни и во изборот на член на Уставниот суд на кого му престанува мандатот, истакна Османи.
Владата, информира Османи, вчера донесе одлука за трајно решение за сместување на Државната изборна комисија, со што и таа мерка е решена, но ДИК се уште нема донесена одлука или правилник со кој нивните седници би биле отворени за јавноста.
- Овие доцнења јас редовно ги презентирам до Владата и таа е постојано информирана за статусот на реализација на мерките од планот 3-6-9, но фокусот на имлементација на овие мерки зависи од посветеноста на администрацијата, нешто што ќе биде главна тема на денешниот состанок на Работниот комитет за европски интеграции. Имплементацијата на мерките од планот 3-6-9 не претставува само наша преземена обврска пред нашите европски пријатели. Адресирањето на овие реформи значи и подобрување на функционалноста на државата како основен предуслов за имплементирање на европските вредности, рече Османи.
Во таа смисла, појасни, претставниците на политичкото, но и тие кои се претставници на раководствата на администрацијата се насочени кон соработка еден со друг.
- Токму затоа денеска решив да го свикам овој состанок, а планирам тос да стане редовна пракса со цел да го задржиме фокусот кон реформите. Се наоѓаме на половина од периодот од три месеци, реализирани се половина од овие мерки. Намерно ги поделивме на периоди кога треба да се реализираат со цел динамиката да биде побрза. Ја известуваме јавноста за иституциите кои доцнат со цел во наредниот период да го зголемиме фокусот и до завршување на овој период да постигнеме стоотстотна реализација на мерките од планот 3-6-9, додаде Османи.
Одговарајќи на новинарско прашање што со оние институции кои нема да си ја завршат својата работа, рече дека ќе понесат политичка и морална одговорност пред граѓаните.
- Меѓутоа, нашите проекции се дека нема да има такви мерки кои ќе ги пречекорат сите три месеци. Моето појавување денеска е токму тоа да го спречам, за да алармирам дека има одредени институции кои ги надминале внатрешните рокови за да се рефокусираме во овој период и да можеме да ги реализираме. 34 мерки во првата половина, ние сме сосема задоволни, меѓутоа алармираме да не биде доцна. На секоја седница на Владата информирам кој доцни, кој треба да реализира во наредните денови, така што овој притисок го правам и институционално, но секако ја вклучувам и јавноста во тој притисок, потенцира Османи.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека Законот за употребата на албанскиот јазик е доставен до Собранието.
- Нашите информации се дека ќе биде ставен на дневен ред некаде на 13 септември и очекуваме брзо да се усвои бидејќи законот е со европско знаменце. Тука процедурите се дефинирани. Очекуваме и повикуваме сите политички партии да гласаат позитивно за овој закон бидејќи сметам дека така на најдобар начин ќе направиме големо унапредување во делот на Рамковниот договор кој е одобрен и потпишан од сите политички партии меѓутоа и ќе покажеме волја за соживот и прифаќање на различностите, додаде вицепремиерот Бујар Османи.
Ново на Сител
-
Тошковски: Дозволи за оружје се делеле незаконито, отказ за 15 високи полициски функционери
-
Доживеал паничен напад, сведокот Гоце Трајковски не се појави на судењето за Вања и Панче
-
Трамп вети силна војска и крај на војните
-
Најмалку 10 загинати во пожар во дом за стари лица во Шпанија
-
Лига на нации: Македонија ја совлада Летонија и обезбеди пласман во Лига „Б“
-
Во Хрватска во тек се апсења и спроведување на итни доказни дејствија
-
Македонската федерација за дигање тегови денеска оствари средба со Балканската вејтлифтинг федерација
-
Тајсон му залепи шамар на Џејк Пол во последното соочување | ВИДЕО