Македонија
19. November 2020 - 13:06

Османи: Oстануваме посветени на евроинтегративните приоритети

Македонија ќе продолжи со сите напори да бара разумни решенија за надминување на какви било разлики со Бугарија и останува посветена на реформскиот процес и сите останати сегменти кои се дел од нашите евроинтегративните приоритети, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на видео средба со членовите на неформалната пратеничка група „Пријатели на Македонија” во Европскиот парламент.

– Ние сѐ уште сметаме дека постојат пристојни шанси, доколку го искористиме продуктивно периодот пред нас, да се одржи првата Меѓувладина конференција во рамките на германското претседателство, истакна Османи, информирајќи ги притоа пратениците за актуелните случувања поврзани со европската агенда на земјата.

Како што соопшти МНР, на средбата со членовите од групата „Пријатели на Македонија”, во која учествуваат 30-тина европратеници од Словенија, Хрватска, Австрија, Бугарија, Грција, Франција и Германија, предводени од Словенката Ирена Јовева, Османи им изрази благодарност за доброволната активност и директна вклученост во промовирањето на земјава во евроинтегративниот процес.

– Османи изрази уверување за идната плодна соработка помеѓу институциите на нашата земја и Европскиот парламент на патот кон отпочнување и водење на пристапни преговори и целосно интегрирање на нашата земја во европското општество, се додавфа во соопштението.

Пратениците ја потенцирале силната поддршка за европската перспектива на Македонија, нагласувајќи дека Европскиот парламент како институција останува позитивна кон политиката за проширување и кон позитивните пораки за земјава, вклучително и за почеток на пристапните преговори за што редовно повикува во своите резолуции.

– Беше нагласена важноста за континуитет на реформите за создавање позитивна атмосфера за отпочнувањето преговори, при што беше најавено и продолжување на дијалогот Жан Моне, со цел интензивирање на соработката помеѓу политичките партии во насока на инклузивност на процесот преговори. Нагласувајќи го геополитичкиот аспект за важноста на проширувањето на ЕУ со регионот, беше едногласно констатирано дека Западниот Балкан е важен не само за безбедноста и стабилност на ЕУ, туку и за севкупниот економски, политички и општествен напредок на континентот, се додава во соопштението на МНР.