Македонија
17. May 2022 - 12:42

Османи: Стратешкиот дијалог со САД ќе донесе бенефити за нашите граѓани и држава

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска во просториите на МНР пред студентите од неколку универзитети од земјата, го претстави прeтстојниот Стратешки дијалог со САД, што ќе се одржи на 2 јуни во Вашингтон.

Претставувајќи го дијалогот, како што информира МНР, Османи истакнал дека се работи за исклучително значаен процес, кој на среден и долг рок ќе донесе важни бенефити за нашите граѓани и држава.

-Стратешкиот дијалог претставува надградба на традиционално пријателските односи и потврда за силното сојузништво меѓу двете земји. Северна Македонија е првата земја меѓу шесте земји од Западниот Балкан кој го почнува овој процес, рекол министерот Османи, додавајќи дека со ова билатералната соработка добива друга димензија, со специфични цели и резултати.

Конкретно, во интерес на академската заедница и студентите, било нагласено во фокус на агендата на дијалогот ќе биде соработката во областа на образованието и програмите за студентска размена.

-Ова ќе отвори нови можности за интензивирање на релациите помеѓу младите од двете земји, преку промоција на културна и образовна размена. Станува збор за стипендии за повеќе академски, професионални и културни програми, наменети за студенти, наставници, професионалци и идни лидери во Република Северна Македонија, рекол тој.

На настанот учествувале и претставници од Амбасадата на САД, како и бројни дипломати од Министерството за надворешни работи, при што студентите имаа можност за интерактивна дискусија, низ која можеа подетално да се информираат за своите теми од интерес.