Бизнис
4. April 2016 - 13:54

Отворен третиот Саем за вработување и пракса „Контакт“

Петнаесетина домашни и странски компании коишто вработуваат инженери од хардверскотото и софтвреското инжинерство  и телекомуникациите со студенти од техничките факултети разгледуваат можности за соработка на третиот Саем за вработување и пракса „Контакт“, што се одржува од денеска на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

Саемот е отворен за сите студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“  кои ќе се запознаат со кариерните можности и ќе можат да ги посетат  компании кои ќе се претстават. Во тек на три саемски дена студентите од  професионалци  за управување со човечки ресурси ќе добијат бесплатна обука како да напишат професионално си-ви и мотивациско писмо,  ќе учествуваат  во симулација на интервју за вработување и ќе решаваат студија на случај за реален проблем.

- Контакт претставува уникатен саем од ваков  вид во државава којшто ги носи работодавачите кај потенцијалните вработени, а на кој свое претставување имаат работодавачите и на кој потенцијалните вработени имаат можност  да изберат каде би сакале да стекнат практично искуство за време на студиите или пак да се  вработат по завршувањето на студиите, рече на отворањето на министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска,саемот Арсовска Томовска.

Саемот, посочи министерката, претставува одлична можност и компаниите да стекнат  увид во знаењата и вештините на студентите, да направат селекција на кадар кој им е потребен и да се овозможи  брз и лесен пристап до профилот на студентите апсолвенти.

Ратко Канчевски, претставник на компанијата Раде Кончар ТЕП и Смелтинг, информира дека лани во оваа  компанија била организирана работна пракса за десет студенти. Од нив, осум инженери добиле договори за вработување, пет од ФЕИТ, а  тројца од Машински факултет.

Трите изданија на Саемот Контакт, што го организараат студентите од ФЕИТ и од ФИНКИ, досега резултирале со 500 пракси и 100 вработувања  на студенти. Учествувале 50-ина компании и 6.000 студенти.

Програмата за пракса, како што истакна продеканот за финансии на ФЕИТ Димитар Ташковски, е многу битен елемент во процесот на студирање кој ги подготвува студентите за пазарот на трудот.

- Компаниите добиваат можност за директен контакт со студентите, со што можат на поедноставен и побрз начин да дојдат до идни вработени и пред тие да се појават на пазарот на трудот. За време на практичната работа, студентите, во рамки на своите можности, може да завршат одредени практични задачи и да дадат одреден придонес во работењето на компанијата, рече Ташковски.

Со оглед на дефицитот на техничкиот кадар на  пазарот труд и барањето од домашните и странските компании повеќекратно да се зголеми бројот на дипломирани  инжинери во техничките струки, како што рече Арсовска-Томовска, постојано се воведуваат новини  во образованието. Меѓу другото се планира да се зголемат квотитете за упис, како и бројот на наставнички и соработнички кадар на факултетите, како и да се отворат специјалистички студии за стекнување звање инженер по информатика.

Саемот за вработување и пракса Контакт 2016 се одржува со поддршка од Факултетот за електротехника и информациски технологии - ФЕИТ, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство - ФИНКИ, Машинскиот факултет – МФС и Техничко-металуршкиот факултет - ТМФ, и заедничка соработка со кариерните центри на факултетите.