Македонија
26. March 2025 - 16:38

Пет инспекциски екипи од денеска ќе проверуваат дали се безбедни објектите за прослави и големи собири

Пет инспекциски екипи од денеска ќе ги проверуваат објектите за прослави и големи собири. Главен фокус на контролите ќе бидат минималните услови за работа кои треба да ги исполнуваат. Како што информираа од Владата, целата документација од претходните контроли е комплетно обработена.

„Целокупната постапка е завршена во форма на службен записник и е доставен до надлежните институции. Со ова, Државниот пазарен инспекторат и формално и законски го заокружи првиот дел од процесот во рекордно време, обезбедувајќи ефикасност и усогласеност со прописите“ – Марија Митева, портпаролка на Владата

Објектите во коишто инспекторите забележале неправилности ќе бидат под мораториум додека не ги исправат грешките. На листата објекти кои привремено ќе бидат затворени се и угостителски локали и државни установи, како училишта, градинки, пензионерски домови. Засега е нејасно колку време ќе трае мораториумот, но и како практично ќе се изведе.

„Навистина ни е важно да превенираме се што може да превенираме во иднина да се случи. Доколку таа аномалија објектите не ја отстранат во некој догледен период секако нема да можат и нема да имаат услови да работат“, рече министерот за локална самоуправа Златко Перински. На новинарско прашање „во тој период ќе бидат затворени, еве конкретно градинки?“, тој одговори со „мислам да“.

Заменик министерот за економија, пак, најави дека во иднина посебна комисија ќе прави проверка на условите во објектот уште пред да добие лиценца. Тимот ќе биде составен од професионалци од пазарниот инспекторат, полицијата, УЈП, дирекцијата за заштита и спасување.

„Пазарните инспектори по професија се или правници или економисти. Како можат тие да проверат дали исполнува објектот градежни, противпожарни услови, електрика, се она што е поврзано со издавањето на одобренија за градба на еден објект и за исполнување на минимално-технички услови. Целта наша е, во иднина, во таа комисија да влезат повеќе институции и лица професионалци во својата област кои ќе гарантираат со својот потпис во записникот кој ќе го направат, не откако ќе се даде лиценца, туку пред да се издаде лиценцата“ – Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд

Со законските измени кои ги подготвува министерството за економија, се предвидуваат и драстично повисоки парични казни.

Откако се откри дека дискотеката во Кочани во која загинаа 59 лица немала легална лиценца, засилените инспекциски контроли најдоа голем број локали кои работеле со истечени лиценци или пак имале валидни документи, но не исполнувале ни минимум услови за работа.