Пет студенти од областа на ИКТ на студиски престој во компанијата Хуавеи
Пет најдобри македонски студенти во областа на информатичките технологии и телекомуникации идниот месец ќе бидат две недели на студиски престој во кинеската ИКТ-компанија Хуавеи во рамки на програмата „Семиња за иднината“ (Seeds for the Future).
Борјана Арсова од Штипскиот универзитет, Младен Коруновски од ФИНКИ на УКИМ, Јован Петковски од Охридскиот универзитет, Теодора Поп Орданова од ФЕИТ на УКИМ и Доника Туши од Универзитетот на ЈИЕ денеска ги добија ваучерите за студиската посета која предвидува практична работа во Пекинг и Шенџен.
Менаџерот на Хуавеи во Македонија Жоу Џијадонг истакна дека програмата „Семиња за иднината“ ги поттикнува земјите од различни региони да учествуваат во градењето на дигиталното општество.
- Оваа програма овозможи Хуавеи да соработува со Владата на Република Македонија со цел да го сподели своето ИКТ искуство и иновативни технологии. Хуавеи, исто така, го олесни трансферот на знаење и помогна на локалната власт да развие високоефикасен образовен систем. Македонската Влада преку Министерството за информатичко општество и администрација изрази подготвеност да ја поддржи нашата програма и пет најдобри студенти од пет различни факултети кои студираат ИКТ-технологии ќе имаат привилегија да патуваат во Кина, рече Џијадонг.
Програмата „Семиња за иднината“ се реализира вторпат во Македонија. Петте студенти ќе имаат можност да присуствуваат на демонстрација на најновата ИКТ-технологија, да учествуваат во работилници каде што ќе се сретнат со претставници и експерти од Хуавеи. Исто така, ќе посетуваат и часови по кинески јазик, кинеско сликање и калиграфија.
Амбасадорката на Кина во Македонија Јин Лисиен им посака на студентите убав престој и резултати во учењето на напредната технологија и во запознавањето на традиционалната кинеска култура.
Истакна дека соработката меѓу Кина и Македонија е цврсто развиена во многу области, вклучително и информатичката и телекомуникациската технологија, како и во образованието.
- Глобалниот ИКТ-лидер, компанијата Хуавеи, има воспоставено партнерство со македонските телекомуникациски оператори. Хуавеи исто така е вградена во македонскиот образовен систем со кинеска официјална помош во опрема за настава, вредна седум милиони евра за 27 училишта во Скопје, рече Лисиен.
Изборот на учесниците во програмата „Семиња за иднината“ им го честиташе министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој им порача дека за двете недели практична настава во Кина ќе научат многу повеќе за некои работи отколку неколку години на факултет затоа што, рече тој, практичната работа и искуство им недостига на нашите студенти.
- Ваков тип на соработки меѓу јавниот сектор, Владата и приватните компании е она што сметаме дека во иднина може да ги мотивира младите луѓе повеќе да се запишуваат на ИКТ-факултетите, но и во понатамошните други форми на соработка да ги мотивираме да останат и да работат овде. Ова е само почеток. Владата има намера да пристапи до бизнис-секторот, до индустријата и во следниот период да се обидеме на заеднички начин да отвораме нови работни места, особено во ИКТ индустријата, рече Манчевски. Додаде дека ќе се обидат да ги мотивираат младите да се запишуваат на ИКТ студии и да останат да работат во Македонија, а една од формите кон таа цел е Младинската гаранција која ќе почне да се спроведува оваа есен.
Ново на Сител
-
62-ра жртва од пожарот во Кочани, во Белград почина Стојанче Стојанов
-
Женско бебе пони во ЗОО Скопје
-
Четири лица краделе предмети од објект на ЈП Железници со вкупна вредност од околу 1.239.000 денари
-
1507 сообраќајни прекршоци вчера и завчера на територија на цела држава, 259 за брзо возење
-
Приведен насилник од Кичево, со нож нападнал ученици, полициски службеници, обезбедување во болницата
-
Бектеши доби нови 30 дена притвор
-
Стабилно, сончево и топло време во деновите од продолжениот празничен викенд
-
Паркирањето во општина Центар за велигденските празници ќе биде без наплата, освен затворените паркиралишта Дилајла и Трготекстил