„Пирова“ победа на македонските кошаркари над Естонија во евроквалификациите
Македонската кошаркарска репрезентација остана без учество на Европското првенство, и покрај победата над Естонија попладнево во Перм од 86:84, што беше недоволна во пресметката со директниот конкурент за пласман на завршницата.
На македонските кошаркари им беше неопходна победа од најмалку девет поени разлика, а задачата уште повеќе им се усложни по првото полувреме, кое Естонците го добија со плус 11 поени разлика (49:38).
Македонскиот напад не функционираше во првите две четвртини, во кои избраниците на Александар Тодоров имаа дури 12 загубени топки и само три реализирани тројки од 14 обиди.
Со агресивна одбрана на стартот на третата третина и серија од 12:0, од кои девет поени постигна Џејкоб Вајли, Македонците се приближија на 54:50, но уследија две „среќни“ тројки на спротивната страна со кои Естонија ја врати предноста од десет поени.
Македонските кошаркари не се откажаа во ниту еден момент и упорноста им донесе водство од 81:80 на 1,44 секунди до крајот на натпреварот, но немаа сили за подвиг.
Најефикасни во македонските редови беше Ненад Димитријевиќ со 23 поени, додека Вајли постигна 18 кошеви, додавајќи и 14 скокови.
Македонските кошаркари во евроквалификациите забележаа по една победа и пораз против Италија и Естонија, и два порази од Русија.
Пласман на Евробаскетот, покрај домаќините Италија, Германија, Грузија и Чешка, обезбедија досега уште Хрватска, Грција, БиХ, Израел, Шпанија, Словенија, Украина, Русија, Србија, Финска, Полска, Унгарија, Белгија, Холандија, Турција, Бугарија, Франција, Естонија и Велика Британија.
Ново на Сител
-
Бајден разговараше со Нетанјаху и ја повтори загриженоста на Америка поради инвазијата врз Рафа
-
Три лица во Прилеп истепале 20-годишник
-
Скопјанец нападнат од маж и жена во автобус
-
Малолетник избоден во Куманово
-
Од среда до викендот нестабилно со пороен дожд и грмежи
-
Мицкоски и Таравари разговарале за принципите за идно коалицирање и заедничка соработка
-
Уапсени во Косово маж и жена, руски државјани, влегле од Србија без визи
-
Зеленски до Парламентот поднесе предлог-закон за продолжување на мобилизацијата