Македонија
26. September 2016 - 14:38

Почна реконструкцијата на секундарната водоводна мрежа во Ресен

Во Ресен денеска почна реконструкцијата на секундарната водоводна мрежа, проект финансиран преку програмата за обнова на екосистемот на Преспанското Езеро од Швајцарската агенција за развој и соработка во висина од околу 200.000 долари.

На отпочнување на реализација на проектот денеска присуствуваа градоначалникот на општина Ресен Ѓоко Стрезовски и постојаниот претставник на УНДП во Македонина Луиза Винтон.

Проектот што го спроведува УНДП, според Винтон, е од исклучителна важност за жителите и за општината, бидејќи повеќе нема да се соочуваат со чести дефекти на мрежата и прекин во водоснабдувањето.

- Старите азбестни цевки ќе бидат заменети со нови, направени од материјал кој ги исполнува современите стандарди за здравствена заштита, појасни Винтон.

Со реализација на овој проект, како што истакна градоначалникот Стрезовски, ќе се комплетира реконструкцијата на водоводната мрежа. Ваква темелна и целосна обнова на водоводната мрежа, според него, не е направена уште од 70-тите години на минатиот век.

- Со замена на водоводните цевки со вкупна должина од пет километри, загубите на вода ќе бидат сведени на минимум и ќе се зголемат приходите на јавното водостопанско претпријатие „Пролетер“. Со тоа ќе се подобрат комуналните услуги за жителите на Ресен, а претпријатието ќе може подобро да се справува со отпадот и со отпадните води, изјави Стрезовски.

Тој информира дека интервенцијата целосно се вклопува во филозофијата на интегриран менаџмент на сливовите на водите, кој се спроведува во регионот на Преспа за одржлив развој на овој регион. Резултатите од напорите за реставрација на екосистемот, како што рече, се воочливи и тоа го прави проектот за Преспа еден од ретко успешните, не само во земјата, туку и во поширокиот регион.

Во Ресен во тек е реконструкција, односно замена на азбестните цевки и на примарната водоводна мрежа, проект финансиран со средства од Европската банка за инвестиции во вредност од 600.000 евра.