Македонија
18. April 2016 - 14:53

Подобро водоснабдување на Богданци со помош на УСАИД

УСАИД денеска и го предаде на општина Богданци новоизградениот резервоар за водоснабдување со запремнина од 500 метри кубни што ќе овозможи поквалитетно водоснабдување. Резервоарот чија вредност е 6,1 милиони деанри, е изграден во рамките на Проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени, спроведуван од Милиеуконтакт Македонија. 
 
- Изградбата на новиот резервоар го решава долгогодишниот проблем со водоснабдување за повеќе од 6,000 жители на општина Богданци, кои се соочуваат со недостиг на вода, како директна последица од климатските промени. Дополнително, со оваа адаптивна мерка се зголемува отпорноста на Богданци кон влијанијата на климатските промени преку намалување на потрошувачката на електрична енергија и зголемување на енергетската ефикасност на целиот систем за водоснабдување, соопшти УСАИД.
 
Според нив, ова е зачаен чекор кон обезбедување долгорочно влијание на напорите на сите општински чинители кои беа вклучени во проектот врз градењето на отпорност кон климатските промени, како и совладувањето на други граѓански предизвици на локално ниво.
 
Проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени е четиригодишна иницијатива која им помага на многу општини да се справат со локалните предизвици предизвикани од климатските промени.
 
Со примена на иновативниот метод „Зелена агенда” проектот ги обединува граѓанските организации, граѓаните и општинските органи за да развијат акциски планови, засновани на консензус, кои се однесуваат на специфичните прашања за климатските промени, со кои се соочуваат нивните заедници, со цел да работат заедно кон ублажување на нивните ефекти.
 
Активностите се фокусирани на десет општини: Пехчево, Теарце, Богданци, Кривогаштани, Маврово/Ростуша, Боговиње, Студеничани, Виница, Делчево и Прилеп.