Свет
28. July 2016 - 13:22

Полициска рација против илегални имигранти во Лондон

Вкупно 35 лица се уапсени во полициска рација спроведена во Лондон во синџирот ресторани за брза храна „Бајрон“, под обвинение за прекршивање на имигрантските прописи, соопшти денеска британскиот Хоум Офис.

Во соопштението се вели дека во текот на рацијата се притворени имигранти од Албанија, Бразил, Непал и Египет.

Управата на компанијата „Бајрон“ целосно соработувала со властите во текот на истрагата и извршената рација, па иако меѓу нејзините вработени се откриени илегалци и лица кои ги имаат прекршено имигрантските прописи, Министерството за внатрешни работи нема да ја казни фирмата.

Направената контрола покажала дека правната служба на „Бајрон“ уредно направила проверка на сите лица кои се упасени во рацијата и според документи кои ги поседувале, тие имале право да престојуваат и да работат во Велика Британија.

Меѓутоа полицијата тврди дека сите докумнти што овие лица ги поднеле на увид се фалсификувани или лажни.

Рацијата во синџирот со ресторани за брза храна во Лондон, доаѓа во време кога антиевропските таблоиди одново покренаа кампања против мигрантите, плашејќи ја домашната јавност дека многу од оние кои доаѓаат од земјите членки на ЕУ, се подготвуваат да „се сместат“ во Велика Британија пред да почнат преговорите за излез на земјата од Унијата.

Кампањата против европските имигранти, пред се, оние од земјите од Источна Европа и натаму е силна, иако сите уапсени илегалци во оваа рација потекнуваат од земји кои не се членки ЕУ и најголемиот број доаѓаат од држави надвор од европскиот континент.