Македонија
12. September 2017 - 10:30

Поплавена куќа, паднати дрвја и пожари од невремето во Кумановско

Кумановските пожарникари вчера интервенирале при расчистување на пат, поради паднати дрвја на улицата „11 Ноември“ во населбата Бедиње. Дрвјата паднале поради силниот ветер и невремето проследено со пороен дожд и силни електрични празнења што вчера попладне го зафати Кумановско.

Пожарникарите по 20 часот испумпувале и вода од поплавена куќа на улицата „Цар Самуил“.

Командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски информираше дека вчера по 14 часот интервенирале на седум различни пожари во различни села и населени места во Куманово.

- Генерално, за сите пожари е карактеристично што силниот ветер ги предизвика пожарите, правејќи спој на електрични жици, изјави Илиевски.

Еден од поголемите пожари во текот на вчерашниот ден е во околината на Бајловце каде што горела нискостеблеста деградирана, но и борова шума. Две противпожарни екипи го гаселе пожарот се до 22:30 часот. Нискостеблеста шума вчера горела и во атарот на Скачковце, кај „Железничка станица“ како и во селата Кшање, Руѓинце и Облавце.