Кошарка
29. August 2015 - 19:41

Пораз од Летонија во последна контрола пред Евробаскетот

 

Македонската кошаркарска репрезентација попладнево во Рига против Летонија го одигра последниот контролен натпревар пред почетокот на Европското првенство. 
 
Летонците славеа победа со 85-69 24:16, 17:19, 26:19 и 18:15), иако во првиот дел нашата селекција беше рамноправна. На овој меч селекторот Марјан Србиновски реши да игра без центарскиот тандем Трајковски – Хендрикс, давајќи им шанса на Јаневски и Брчков.
 
Кај „црвено-жолтите’’ најефикасен беше Предраг Самарџиски со 13, додека Александар Костовски постигна 11, а Владо Илиевски и Дамјан Стојановски по 9 поени.
 
По четирите победи пред македонската публика (два против Израел, Украина и Венецуела),  нашите кошаркари на Европската турнеја имаа пет порази во низа (Литванија, Турција, два од Шпанија и Летонија).
 
По овој дуел, македонските репрезентативци се враќаат во Скопје, каде Србиновски треба да го обзнани и конечниот список на патници на Евробаскетот, односно, дванаесетмината кои на 3 септември ќе заминат за Загреб, каде во рамките на Ц групата ќе играат против: Грција, Холандија, Хрватска, Грузија и Словенија, редоследон, почнувајќи од 5 септември.
 
Пласман во следната рунда или осминафиналето ќе обезбедат четирите најдобри селекции од секоја од групите.
 
Потсетување, дека настапите на Македонија на Европското првенство ќе може да ги следите ексклузивно на ТВ Сител.