Портрет на поетесата Даница Ручигај, донација за ДПМ

Во Друштвото на писателите на Македонија денеска беше предадена на подарок уметничка слика - портрет со ликот на поетесата Даница Ручигај, дело на ликовниот уметник Ставре Димитровски Стадим. По повод 70-годишниот јубилеј на ДПМ, сликата ја донира Златица Поповиќ, сестра на поетесата Ручигај, која загинала во скопскиот земјотрес во 30-тата година од животот.
Претседателот на ДПМ Веле Смилевски изрази благодарност за донацијата и истакна дека се реализира една дамнешна идеја, желба и порака на нашата поетеса Гордана Михаилова Бошнакоска, домот на македонските писатели да се збогатува и со слики на жени писателки кои оставиле траги во развојните процеси на литературата.
- Портретот на Даница Ручигај го примаме со радост и тој во збирката на ДПМ ќе биде уште еден знак на респект кон вредностите создавани во македонската литература и култура, истакна Смилевски. Додаде дека портретот на Даница Ручигај станува составен дел на богатата збирка на ДПМ, од 112 уметнички слики и скулптури со ликовите на Св. Климент Охридски, Браќата Миладиновци, Крсте Петков Мисирков, Никола Вапцаров, Кочо Рацин...
Златица Поповиќ се осврна на животот и делото на Даница и нагласи дека таа еден дел од својата младост поминала во ДПМ, другарувајќи, и дебатирајќи со тогашните писатели, книжевни дејци, уметници и новинари кои ги ставија темелите на македонската книжевност и култура.
- Даница Ручигај е првата македонска поетеса со издадена книга поезија „Сребрени ноќни игри“ печатена од издавачката куќа „Кочо Рацин“ во јануари 1960 година. Даница живееше за уметноста и од уметноста, рече Поповиќ.
Творештвото на Ручигај го претстави и м-р Мирјана Стојановска, која истакна дека оваа поетеса зад себе остави две книги поезија „Сребрени ноќни игри“ и „Заробеници на ветрот“, во ракопис и објавена постхумно во 1963 година.
- Поетиката на Ручигај остави длабоки траги во македонската поезија, не само затоа што е прва поетеса, туку заради иновативноста која таа ја донесе во женската љубовна лирика, рече Стојановска.
Промоцијата на портретот на Ручигај во ДПМ е во пресрет на меѓународниот ден на жената. Во состав на Друштвото на писателите на Македонија работи Клуб на писателките именуван по Даница Ручигај, а нејзиното име го носи и наградата која ДПМ ја доделува за најдобра стихозбирка на годината од поетеса, членка на македонската писателска асоцијација.
Даница Ручигај е родена во 1934 година во Скопје, а животот трагично и завршува во земјотресот во 1963 година.
Ново на Сител
-

Ѓоковиќ: Целта ми е настап на ЛОИ 2028
-

ГП Евзони (Богородица) затворен за сообраќај на сите видови возила
-

Лавров тврди дека Украинците ја нападнале резиденцијата на Путин, Зеленски негира
-

Во БиХ усвоена одлука за легализација на канабисот за медицински цели
-

Македонска Каменица прогласи тридневна жалост поради смртта на сограѓанка
-

Таткото на прегазената Теодора: Барам иста правда за сите, зарем животот на мојата ќерка вредеше само 2 години?
-

Повисоки плати, нов концепт за матура, ѕид на срамот - Јаневска на брифинг со новинарите за плановите за 2026 година
-

Меморандум за претставување на Скопје како европски културен центар во 2028 година
