Портрет на поетесата Даница Ручигај, донација за ДПМ
Во Друштвото на писателите на Македонија денеска беше предадена на подарок уметничка слика - портрет со ликот на поетесата Даница Ручигај, дело на ликовниот уметник Ставре Димитровски Стадим. По повод 70-годишниот јубилеј на ДПМ, сликата ја донира Златица Поповиќ, сестра на поетесата Ручигај, која загинала во скопскиот земјотрес во 30-тата година од животот.
Претседателот на ДПМ Веле Смилевски изрази благодарност за донацијата и истакна дека се реализира една дамнешна идеја, желба и порака на нашата поетеса Гордана Михаилова Бошнакоска, домот на македонските писатели да се збогатува и со слики на жени писателки кои оставиле траги во развојните процеси на литературата.
- Портретот на Даница Ручигај го примаме со радост и тој во збирката на ДПМ ќе биде уште еден знак на респект кон вредностите создавани во македонската литература и култура, истакна Смилевски. Додаде дека портретот на Даница Ручигај станува составен дел на богатата збирка на ДПМ, од 112 уметнички слики и скулптури со ликовите на Св. Климент Охридски, Браќата Миладиновци, Крсте Петков Мисирков, Никола Вапцаров, Кочо Рацин...
Златица Поповиќ се осврна на животот и делото на Даница и нагласи дека таа еден дел од својата младост поминала во ДПМ, другарувајќи, и дебатирајќи со тогашните писатели, книжевни дејци, уметници и новинари кои ги ставија темелите на македонската книжевност и култура.
- Даница Ручигај е првата македонска поетеса со издадена книга поезија „Сребрени ноќни игри“ печатена од издавачката куќа „Кочо Рацин“ во јануари 1960 година. Даница живееше за уметноста и од уметноста, рече Поповиќ.
Творештвото на Ручигај го претстави и м-р Мирјана Стојановска, која истакна дека оваа поетеса зад себе остави две книги поезија „Сребрени ноќни игри“ и „Заробеници на ветрот“, во ракопис и објавена постхумно во 1963 година.
- Поетиката на Ручигај остави длабоки траги во македонската поезија, не само затоа што е прва поетеса, туку заради иновативноста која таа ја донесе во женската љубовна лирика, рече Стојановска.
Промоцијата на портретот на Ручигај во ДПМ е во пресрет на меѓународниот ден на жената. Во состав на Друштвото на писателите на Македонија работи Клуб на писателките именуван по Даница Ручигај, а нејзиното име го носи и наградата која ДПМ ја доделува за најдобра стихозбирка на годината од поетеса, членка на македонската писателска асоцијација.
Даница Ручигај е родена во 1934 година во Скопје, а животот трагично и завршува во земјотресот во 1963 година.
Ново на Сител
-
Израелскиот министер за одбрана, Кац го обвини Хезболах дека не ги почитува условите од договорот за прекин на огнот
-
Опожарено возило во Битола
-
Руско МО: Соборени 61 дрон над неколку руски региони, повеќе од половина во Ростовска област
-
Тешко повредена 72-годишна жена во сообраќајка во Прилеп
-
Пронајдена марихуана во домот на 52-годишен струмичанец
-
Тепачка пред казино во Неготино
-
Град Скопје: Засилен инспекциски надзор со цел намалување на аерозагадувањето, минатата недела изречени казни за над 20 сторители
-
Во Скопје утре посебен сообраќаен режим по повод празникот Бадник