Пожар кај Автобуската станица во Велес зафати шест возила, интервенираа пожарникарите

Брзата интервенција на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Велес спречи поголема материјална штета откако денеска попладне избувна пожар кај паркингот во близина на Автобуската станица во Велес.
Дојавата во ТППЕ Велес била примена во 13:45 часот за запалено патничко моторно возило. По пристигнувањето на терен, пожарникарите утврдиле дека горела сува трева меѓу патот и паркингот, при што огнот зафатил и оштетил минимално шест паркирани возила.
На интервенцијата излегле едно противпожарно возило и тројца пожарникари. Со брзото дејствување тие успеале да го локализираат пожарот и да спречат негово проширување кон останатите возила.
Од ТППЕ Велес повторно упатија апел до граѓаните да не палат оган на отворен простор, особено во услови на високи температури и сув вегетациски материјал.
Велешките пожарникари на својата фејсбук страна дополнително ги предупредија земјоделците од општините Велес, Чашка и Градско да не палат стрништа, а граѓаните да не палат сува трева, посочувајќи дека ваквите постапки во изминатиот период предизвикале повеќе пожари со последици по животната средина и објекти.
Последниот поголем пожар во велешкиот регион беше регистриран на 30 јуни, кога огнената стихија што започна над Велес, во близина на Штипската клучка и Градската комунална депонија, се прошири кон повеќе месности, меѓу кои „Трите Дола“, „Саботна Вода“ и „Сариер“, со приближување кон селото Мамутчево.
Во тој пожар беа опожарени повеќе хектари сува трева, лозја и ниска вегетација, а беа зафатени и викенд-куќи, соларни панели и други објекти.
МИА
Ново на Сител
-

Комисија за заразни болести - по црвените инфекции може да се појави и жолтица во Гостивар
-

АХВ ја укина забраната, водата во Валандово е повторно безбедна за пиење
-

Пет години за спас на Охридскиот регион - УНЕСКО го одложи впишувањето на листата во опасност
-

Рокас: Се водат разговори зад затворени врати, но Македонија мора да го промени Уставот
-

Велковски уверува: Парите во вториот пензиски фонд се гарантирани и со Закон и со Устав
-

Мицкоски ја заокружи реконструкцијата - Зејнула избран за нов министер без ресор
-

Војската да ја чува критичната инфраструктура
-

Поранешниот претседател на ФФМ, Сејдини излезе од притвор
