Loading Video...
Свет
3. August 2024 - 16:30

Преглед на вестите од светот

Најмалку 32 лица загинаа, а околу 63 се повредени во напад на плажа во главниот град на Сомалија, Могадишу. Некои од повредените се во критична состојба. Одговорноста за вчерашниот напад ја презеде терористичката група Ал Шабаб поврзана со Ал Каеда. Групата е поврзана со Ал Каеда и го води бунтот против сомалиската влада поддржана од ОН речиси 20 години

Според изјавите на очевидците и локалните власти, се слушнала експлозија и истрели, а очевидци изјавиле дека го виделе напаѓачот опкружен со експлозив неколку моменти пред да се разнесе во близина на хотелот, на популарната плажа Лидо. Сомалиската новинска агенција објави дека безбедносните сили ги „неутрализирале напаѓачите“.

Плажата Лидо и во претходните години беше цел на терористите на Ал Шабаб. Минатата година, девет лица беа убиени во нивниот напад на тоа популарно место во Могадишу.

Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, кандидат за претседател на Републиканската партија, се договори со телевизијата „Фокс њуз“ за предизборна телевизиска дебата во нејзиното студио со актуелната потпретседателка на земјата, Камала Харис, негова соперничка за функцијата од страна на Демократската партија.

Трамп ова го соопшти на неговата платформа „Трут соушл“.

„Ако по некоја причина Камала не сака или не може да дебатира на овој датум, се договорив со „Фокс њуз“ да направиме голем настан во градската сала на истиот тој четврти септември“, пишува Трамп во објавата. Централата на „Фокс њуз“ е во Њујорк.

Синоќа Харис ја обезбеди номинацијата на Демократската партија, добивајќи го потребниот број гласови од делегатите на националниот партиски конгрес во онлајн гласање пред форумот. Трамп веќе учествуваше во предизборни телевизиски дебати – со претседателот на САД, Џо Бајден, на 27 јуни во студиото на Си Ен Ен во Атланта, Џорџија. Лошото претставување на Бајден тогаш беше главната причина тој да ја повлече својата кандидатура. 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Русија минатата недела употребила повеќе од 600 авио-бомби во нападите на Украина.

„Руската борбена авијација, со сите средства, мора да биде уништена каде и да се наоѓа. Исто така е сосема праведно да се нападнат руските аеродроми. Потребно е да најдеме заедничко решение со нашите партнери -безбедносно решение,“ напиша Зеленски на социјалните мрежи.

Украинската војска претходно денеска соопшти дека нападнала руски аеродром Морозовск во текот на ноќта, погодувајќи складиште за муниција каде што, меѓу другото, се наоѓале и авио-бомби.