Премиера на мјузиклот „Мама миа!“
Македонскиот народен театар вечер од 20 часот премиерно ќе го изведе мјузиклот „Мама миа!“ во режија на Наташа Поплавска, кој е копродукциски проект помеѓу МНТ и словенечката компанија „Проспот“.
„Мама миа!“ е весела приказна за тинејџерка (Софи Шеридан) во потрага по својот вистински татко на еден грчки остров, раскажана преку хитовите на шведската група АББА (музика на Бени Андерсон и Бјорн Улвеус) и по текст на Кетрин Џонсон.
Носечката улога (Софи Шеридан) вечер ќе ја игра актерката Нина Деан, а нејзина алтернација за други изведби на мјузиклот е Јана Стојановска. Ликот на мајката (Дона Шеридан) ќе го игра Биљана Драгичевиќ-Пројковска, во улогите на нејзините најдобри пријателки се актерките Арна Шијак и Тања Кочовска.
Тројцата потенцијални татковци Сем, Бил и Хари ќе ги глумат актерите Кире Ѓоревски (во алтернација со Висар Вишка), Трајче Ѓоргиев и Владимир Јачев, а Никола Наковски односно Петар Стојанов ќе настапи во ликот на Скај, вереникот на Софи.
Во тричасовниот мјузикл се вклучени сто учесници, од кои 30-ина се на сцената - танчари и хористи, како и бенд во живо. Диригент е Бисера Чадловска, кореограф Олга Панго, асистент на кореографија Ирена Лозинска, сценографијата е на Александар Дениќ, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска. Придружни вокали и инструкторки за пеење се Ана Костадиновска и Сара Николовска, корепетитори на Факултетот за музичка уметност.
Хитовите на АББА од 1970-тите и 1980-тите години ќе бидат испеани на македонски јазик, освен евровизиската „Ватерло“ која е оставена во оригинал. Препевот и преводот на текстот од англиски на македонски го направи Тина Трпкоска.
Ова е втор мјузикл на Поплавска која пред две години во МНТ го постави и првиот лиценциран мјузикл „Чикаго“. Копродуцентот од Словенија, „Проспот“, е застапуван од Јуриј Франко, познат југословенски скијач од 1980-тите години, кој сега се занимава со продукција на мјузикли и театарски претстави. „Проспот“ ги има ексклузивните права за мјузиклот „Мама миа!“ во Словенија, Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и во Македонија. Премиерата на мјузиклот првин беше во Белград, а потоа во Љубљана и Загреб.
По вечерашната премиера во МНТ, „Мама миа!“ ќе има три репризи до крајот на годинава (26-ти, 28-ми и 29 декември). Следни термини се 12-ти,13-ти и 23 јануари 2018.
Ново на Сител
-
Кандидатите за членови во Советот на Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги реферираа пред Комисијата за избори и именувања
-
СОС Детско село ја доби Цветиновата награда за мир
-
Во Чаир три кражби на чанти
-
Тошковски во посета на Центарот за борба против тероризам на Унгарија
-
Ја продал нивата за да се прошират гробиштата, сега му ја враќаат со 150 закопани
-
Поради сообраќајка во прекин сообраќајот на патот Делчево - Македонска Каменица
-
Ангелов: Државата е подготвена за претстојни врнежи од снег
-
Кан: Нојер не треба да го пропушти вистинскиот момент за пензионирање