Препораки од АХВ за заштита на добитокот и милениците од топлото време
Домашните миленици да не се оставаат во затворен автомобил изложен директно на сонце, да не се шетаат во најтоплиот период од денот, постојано и доволно да имаат свежа и чиста вода за пиење и да се држат во проветрени простории за да не дојде до сончаница или топлотен удар поради високите температури, препорачува Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Добитокот, исто така, треба да се чува во соодветни услови, а за работа да се користи само во раните утрински или во вечерните часови кога температурите се ниски. Мора да се внимава и на бројот грла во објектите.
- Температурите над 30 степени за секое животно се голем стрес што може да се манифестира со намалено консумирање храна, зголемена потреба од вода, намалено производство на млеко и слаб прираст. Ако животните се држат во несоодветни услови може да дојде до појава на топлотен удар, а ако се директно изложени на сонце, до сончаница. Во двата случаја исходот може да биде фатален доколку не се делува на време, предупредува Агенцијата.
Симптомите се препознатливи, а се манифестираат со забрзано и плитко дишење, несигурен од (тетеравење), изразена зголемена телесна температура, забрзан пулс, исплашен поглед, зголемена жед, анурија, тикови и грчеви на мускулите кои се јавуваат на крај, со неповолна прогноза.
Времето на појава на првите симптоми зависи од надворешната температура, влажноста на воздухот и вентилацијата, како и од состојбата на одбранбениот механизам на животните.
- Ако се забележат такви симптоми кај животните, потребно е итно да се реагира. Животното треба да се смести во ладовина или во разладена просторија, каде има доволно количество воздух. Треба да му се даде доволно свежа вода, а телесната температура да се намали со туширање/прскање со умерено ладна вода, или со покривање на главата и вратот со ладна и влажна крпа, но да се внимава ладењето на животното да не биде премногу брзо, потенцираат од АХВ.
Ново на Сител
-

Мицкоски во Њујорк се сретна со заменик секретарот Кристофер Ландау
-

Трамп: Русија ја изгуби контролата врз дизелот, оваа војна мора да престане
-

Три победи за Македонија на првиот ден од Светското првенство во кик-бокс – славеа Нешевски, Николов и Баснарков
-

Бобан Илиоски испиша историја – прв Македонец со договор во GLORY
-

Дизелот поскапува, бензините поевтинуваат - нови цени на горивата од полноќ
-

Мексиканец со лименка пиво удрил полицаец во глава додека го легитимирал на „Октобер фест“ во Ѓорче Петров
-

Граѓаните револтирани: Ја кренале рампата и паркирале на пешачката патека долж ѕидот на Зоолошката во Градски парк
-

Уште едно лице почина од западнонилска треска, 11 пациенти се на Инфективна
