Претседателката Сиљановска-Давкова со највисоки државни и воени почести ја пречека претседателката на Индија, Друпади Мурму

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска со највисоки државни и воени почести ја пречека претседателката на Република Индија, Друпади Мурму, која престојува во дводневна официјална посета на земјава.
По свеченета церемонија, Сиљановска-Давкова и Мурму заминаа на тет-а-тет средба, по што ќе биде одржан пленарен состанок на македонската и индиската делегација и заедничка прес-конференција на двете претседателки.
Индиската претседателка пристигна во Скопје синоќа, а на Скопскиот аеродром ја пречека шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски.
- Во рамките на посетата се предвидени повеќе средби и активности. Очекувам тие да ги потврдат одличните билатерални односи и да дадат нов поттик за натамошно унапредување на политичката и економската соработка меѓу двете земји, напиша Муцунски на Фејсбук.
Предвидено е претседателката на Република Индија да положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Индиската претседателка ќе оствари средба и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, ќе се потпише во Книгата на впечатоци и ќе има обраќање пред пратениците во македонскиот Парламент.
Попладне ќе се одржи македонско-индиски бизнис форум, организиран од Кабинетот на претседателот во соработка со Директоратот за економска дипломатија при Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. На отворањето на бизнис форумот, на којшто ќе се обратат претседателката Сиљановска-Давкова и претседателката Мурму, ќе бидат презентирани инвестициските можности на земјава.
На вториот ден од официјалната посета, претседателките ќе ги посетат Спомен-куќата на Мајка Тереза и Музејот на град Скопје, кадешто ќе се обратат на церемонија на откривање на биста на Махатма Ганди. По церемонијата во Музејот на град Скопје, претседателката Сиљановска-Давкова и претседателката Мурму ќе се упатат кон Охрид, кадешто ќе го посетат манастирскиот комплекс Свети Наум, како и манастири и цркви во Стариот град на Охрид.
Поради посетата на претседателката Мурму, во поширокото централно подрачје на Скопје ќе се применува посебен режим на сообраќај. СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
МИА
Ново на Сител
-

Метеоролозите предвидуваат „невиден“ Ел Нињо, 2027 ќе биде најтоплата година досега
-

„Секоја капка за Преспа“ со Андреа Соколовски | Неформално | Sitel Podcast 147
-

Иран предупреди дека ќе одговори „силно и разорно“ на новите закани од САД
-

Илјадници неисправни кондоми продадени низ Европа, апел до корисниците да се тестираат за сексуално преносливи болести
-

Нетанјаху го нарече Ердоган „антисемитски диктатор“
-

Сиљановска-Давкова: Верувајте во себе, докажете ја својата спортска посветеност, искористете ја младешката енергија и натпреварувајте се витешки
-

ЦУК: До 18:00 часот 14 пожари на отворен простор, од кои 8 се активни
-

Аргентинците добија високи казни за инцидентот по финалето на Мундијалот
