Македонија
3. July 2026 - 12:54

Продолжува подобрувањето на патната инфраструктура во Прилеп со средства од Министерството за транспорт

Започна реконструкција на тротоарите, велосипедските патеки и уличното осветлување на ул. „11 Октомври“ во должина од 520 метри, од двете страни на улицата, на површина од 2.800 м2. Инвестицијата чини 9 милиони денари, средства обезбедени со поддршка од Министерството за транспорт и врски. 

„2.800 м2 кои се разработуваат во име на пешачката и велосипедската патека на оваа улица и доизградба и замена на поссточеките светилки со нови, со тоа што уште еден момент плус е дека би имало дополнително осветлување и за пешачката патека, а не само за коловозот. Искрено сум среќен што и овој проект е поддржан од Министерството за транспорт и врски. Има интензивни градежни активности, а изведувачот ветува дека за многу брзо ќе бидат готови работите“, изјави Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.

Во иднина се планира паркингот кај зградата Табана да се приспособи за повеќе возила, затоа што повеќе нема да има паркирање на тротоарот како досега.

„Би сакал да испратам еден апел до жителите на непосредните објекти што се наоѓаат тука за домување да бидат трпеливи, би ги замолил да ги тргнат возилата од тротоарите за да може да се ослободи простор на изведувачот побрзо и побезбедно да ја заврши работата. Бараме начин да се организира овој паркинг простор да добие повеќе простор за возила“, додаде Проданоски.

Оваа реконструкција и подобрување на патната инфраструктура во иднина ќе се надоврзе на новиот кружен тек, мостот Табана каде во моментов се правело ново минор корито на Градската река. Новиот мост се очекува да донесе големо растеретување на сообраќајот кој што сега претставува енормен проблем во овој дел на градот.