Протоколот за НАТО пред естонските пратеници, почнува процедурата и во Сенатот

Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО денеска е на дневен ред на седницата на Парламентот на Естонија, а влегува во процедура и во американскиот Сенат.
Естонија ќе биде 17-та земја што ќе го ратификува Протоколот, откако тоа минатата недела го стори германскиот Бундестаг, а денеска во Комисијата за надворешни работи на американскиот Сенат ќе има сослушување поврзано со пристапувањето на Северна Македонија во НАТО.
На сослушувањето во Сенатот повикани се помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер и Кетрин Вилбаргер, американски заменик помошник секретар за одбрана за меѓународни безбедносни прашања.
Претседавачот со Комисијата, сенаторот Џејмс Риш, претходно изјави дека веднаш по сослушувањето, протоколот за влез на Северна Македонија во НАТО ќе оди на гласање во Сенатот.
Сенаторот тогаш укажа дека најверојатно тоа ќе се случи во јуни и дека во Сенатот ќе има голема поддршка за ратификација на протоколот.
Шеснаесет од 29 земји-членки досега го официјализираа пристапувањето на Северна Македонија во најголемиот воено-политички сојуз во светот.
Властите во земјава, но и високите претставници на Алијансата се надеваат дека целиот процес ќе заврши до декември, кога се одржува Самитот на НАТО во Лондон, кога се одбележува 70-годишнина од најголемиот воено-политички сојуз во светот.
Премиерот Зоран Заев вчера на заедничката прес-конференција во Скопје со премиерот на Чешка Андреј Бабиш, изразувајќи надеж дека наскоро и Чешка ќе го ратификува Протоколот, нагласи оти доколку ратификацијата заврши дотогаш земјава ќе може на самитот во декември во Лондон да биде пречекана како 30. членка. Бабиш напомена дека Чешка наскоро ќе го стори тоа и додаде дека Парламентот ќе заседава во јули и оти тој ќе испрати лично допис до пратениците Протоколот да го стават на дневен ред, но не кажа конкретен датум кога тоа би се случило.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вчера порача дека ратификувањето на членството во НАТО оди невообичаено брзо и ако се спореди со претходните бранови на проширувања ќе се види дека земјите-членки испраќаат многу силна порака која треба да ја искористиме и да ја цениме.
Нагласи дека првпат се случува во период покус од четири месеци речиси повеќе од половината од земјите-членки да го имаат ратификувано Протоколот. Очекувањата, како што кажа Шекеринска се, Протоколот да биде ратификуван до оваа есен.
Сепак, доколку процедурата не биде завршена дотогаш очекувањата се земјата и официјално да стане дел од НАТО и да учествува во процесот на носење политички одлуки на почетокот на следната година.
Меѓу земјите што треба да го ратификуваат е и Турција, а во јавноста се појавија сомнежи дека оваа земја може да калкулира со Протоколот поради присуството на ФЕТО во државава. Министерот за национална одбрана на Турција, Хулуси Акар при неодамнешната посета на земјава предупреди дека структурите на ФЕТО, што функциуонираат во земјава им штетат на билатералните односи. Тој изрази верба во институциите на земјата и надеж дека ќе преземат мерки за ослободување од овие, како што рече терористички структури.
Прашана до каде е ратификацијата во турскиот Парламент, Шекеринска рече дека во Турција сега има повторување на локалните избори во некои од општините. – Ни кажаа дека веднаш штом ќе продолжи да функционира нивниот Парламент на вообичаен начин ќе има и термини кои ќе може да ги планираат за ратификација на Протоколот, потенцира таа.
Амбасадорите на 29. земји-членки на 6 февруари во седиштето на НАТО го потпишаа Протоколот за членство, а прва го ратификуваше Грција.
Ново на Сител
-

Иран ги обвини САД дека не ги исполниле своите обврски по израелскиот напад во Либан
-

Трамп ги повика Израел и Хезболах да престанат со напади „за да не ги расипат“ напорите за мир во регионот
-

Пожар помеѓу штипските села Долани и Љуботен, едно лице повредено
-

Полицијата приведе возач од Батинци, управувал возило со 244 километри на час, двојно поголема брзина од дозволеното
-

Мицкоски: Нема мигранти, но ќе има брза пруга, се потврди дека СДСМ кажува невистини
-

Мицкоски: Реконструкција на Владата по роденденот на партијата на 17 јуни
-

СП 2026: Стартни победи на Австралија и Шкотска, по бод за Бразил и Мароко
-

„Центарска симфонија“ синоќа во организација на Општина Центар
