Македонија
22. April 2019 - 9:02

Првиот круг на изборите фер и демократски

Скандинавски, мирни, фер и демократски. Ова се оценките за вчерашните претседателските избори од учесниците во изборниот процес, организаторите и МВР. Прелиминарната оценка за изборите денеска треба да ја соопшти и мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, но и Граѓанската асоцијација МОСТ, која имаше најголем број набљудувачи на изборниот процес.

Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски доцна синоќа изборниот процес го оцени како чист и мирен. Важно е, рече тој, дека немавме сериозни забелешки на изборниот процес од учесниците, но и од меѓународните и странските набљудувачи.

Изборниот ден помина во исклучителна мирна, фер и демократска атмосфера. Имавме кристално чист прв изборен круг од претседателските избори. Имавме скандинавски избори, како што доликува на држава, идна членка на НАТО и ЕУ, оценија синоќа од изборниот штаб на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

Во првичната реакција по изборниот ден, од изборниот на ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека тој бил генерално мирен фер и демократски, но нагласија дека имало одредени прекршувања.

Од изборниот штаб на претседателскиот кандидат Блерим Река оценија дека денешните избори поминале во фер и демократска атмосфера. Според нив, загрижувачки е фактот што е мал процентот на излезност на овие избори и ова, според него, ја потврдува нивната теза дека 1/4 од населението е иселено од Републиката.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференција по затворањето на гласачките места за избор во првиот круг на претседателските избори истакна дека институциите на РСМ покажале дека можат да организираат мирни и демократски избори како што и доликува на земја која, како што рече, наскоро ќе стане членка на НАТО и е на пат за членство во ЕУ.