Раритетен археолошки наод - Ѕидана гробница од крајот на вториот век
Aрхеолозите на локалитетот „Беш тепе“ кај карбинското село Радање во изминатите 30 дена открија ѕидана гробница која датира од крајот на вториот и почетокот на третиот век. Уникатноста на гробницата е во нејзината структура. Досега откриените могили на овие простори се покриени само со земјена обвивка, но оваа е ѕидана и по тоа се разликува.
- Во оваа могила се погребани 3 индивидуи, значи централниуот гроб заради кој и се подигнала оваа могила и врз кој е подигната и камената конструкција. Но, се работи за многу голем гроб, со димензии 3,30 метри на 2,3 метри, а длабок е половина метар, изјави Ване Секулов, археолог, Завод и Музеј- Струмица
Во централниот дел била поставена урната со остатоците од кремацијата на покојникот. Пронајдени се и повеќе артефакти.
- Откриени се повеќе наоди, од керамика и монети. Монетата ни помогна да го датираме периодот кога е направена оваа гробница. Тоа е Септимиј Север кој владеел кон крајот на вториот и почетокот на третиот век, изјави Митко Штерјов, археолог, Завод и Музеј – Штип
По откривањето на ваквите ретки наоди, археолозите ќе достават проект до Министерството за култура и туризам, со цел да се конзервираат двете гробници и покрај археолошкиот локалитет „Баргала“, да се добие уште една туристичка понуда во Општина Карбинци.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар