Македонија
22. May 2019 - 17:34

Расте интересот за донации за доизградба на црквата „Св.Кирил и Методиј“ во Делчево

Расте интересот за донации за целосната доизградба на соборниот храм „Св.Кирил и Методиј” во Делчево.

Како што соопшти делчевскиот градоначалник Горан Трајковски, токму со помош на донации заврши поставувањето на надворешната столарија на еден од најграндиозните православни објекти во Источна Македонија
 
– Ја користам приликата да упатам голема благодарност до сите кои овозможија да биде поставена надворешната столарија во црквата. Овие денови очекуваме да започне и остаклување на прозорците на црквата, а во меѓувреме заврши и фасадната реконструкција, соопшти Трајковски. Додаде дека целиот проект околу реконструкцијата на соборниот храм во Делчево се реализира со донаторски средства обезбедени од д-р Милен Врабевски и Фондацијата „Бугарско сеќавање“.
 
По завршувањето на надворешните работи за реконструкцијата на соборниот храм „Св.Кирил и Методиј“, како што информираа од општината, ќе се продолжи со нејзината внатрешна изградба. За овој зафат потребен е поголем ангажман на локални фирми и поединци од општината, но и на иселеници од Делчево кои со својот придонес ќе помогнат во целосно завршување на овој храм кој започна да се гради пред 20 години, а по пауза од неколку години повторно продолжи неговата изградба.