Расте интересот за вакцинација во земјава
Секојдневниот раст на ново инфицирани, но и новите мерки го зголемија интересот за вакцинација во Струмица. За разлика од претходниот период кога за еден ден во просек се аплицираа по околу 500 вакцини, во последните десетина дена оваа бројка е зголемена на близу 800 дози дневно. Од здравствениот дом информираат дека интерес за вакцина имало од сите старосни групи, но овој период најзастапени биле граѓаните на возраст од 20 до 50 години.
,, Забележан е зголемен интерес за вакцинација во последните десет дена и тоа кај популација од 20 до 50 годишна возраст. Исто така имаме и теренска вакцинација која се одвива непречено и благодарение на неа имаме зголемен број на вакцинирани граѓани во руралните средини и граѓани кои се неподвижни. Исто така апелирам до граѓаните кои не се вакцинирани да не се двоумат да се вакцинираат, да не се двоумат да ја примат првата доза на вакцина бидејчи гледаме дека клиничката слика кај вакцинирани кои се заболени е многу полесна за разлика од оние кои не се вакцинирани а заболеле од Ковид 19, вели д-р Гордана Виранова - Здравствен дом Струмица.
Во моментов на пунктот за имунизација во Струмица се аплицираат вакцини на Синовак, Фајзер и Астра Зенека.Граѓаните кои одлучиле да се вакцинираат велат дека тоа го направиле пред се за лична заштита.
До сега во струмичкиот регион вакцина примиле над 35 500 граѓани. Од нив 15 500 ги примиле и двете дози, а останатите 20.000 само една.
-
Зоран Ѓеогриев
Сите содржини од овој новинар