Речиси илјада вработени во сите инспекторати немаат плата
Вработените во дел од државните институции трет ден протестираат барајќи повисоки плати за 30%. Откако Владата рече дека штрајкот е незаконски, првиот човек на синдикатот на УПОЗ им одговори дека ова не е штрајк, туку протест и дека сите си ги извршуваат обврските.
Деаноски обелодени дека речиси илјада вработени во сите инспекторати немаат земено плата за декември.
„Поради доцнење на Министерството за финансии кои навремено не ги презеде обврските согласно законските измени остави 988 вработени без плата, без вратени кредити, без платени сметки во најдолгиот месец од годината“ – Трпе Деаноски, Претседател на синдикатот на УПОЗ
Од Независниот синдикат во Државниот инспекторат за труд велат дека платите доцнат оти не е променет работниот статус на вработените, откако инспекцискиот совет беше укинат и инспекторатите беа вратени во состав на министерствата.
„Од советникот на премиерот имаме гаранции дека до утре ќе имаме одговор на тоа како побрзо да се решава статусот на вработените во инспекциските служби со цел да добиваме побрзо плата и да се трансформира работниот однос“ - Љуљзим Фаризи, потпретседател на независниот синдикат во Државниот инспекторат за труд
Ова е еден од проблемите кои го истакнале претставници на Независниот синдикат на државната администрација на денешната средба во Владата. Имаат и забелешки на пакетот закони за вработените во јавниот сектор.
„Начинот на исплата на плати и на додатоци на плата треба да бидат достоинствени за вработените во јавниот сектор. Порано беше достоинство, чест и углед да работиш во јавната администрација. Денеска со оглед на платите во приватниот сектор, веќе не е интересна служба“ - Горан Ристески, претседател на НСДА
Бараат да се смени и правилникот за дежурства во судската служба.
„Тој правилник е донесен пред десетина години и едно дежурство во Кривичен суд изнесува само 300 денари. Побаравме додатоците од Судскиот буџетски совет да ни се исплаќаат до 30 проценти бидејќи вака само со исплаќање на минимални додатоци, не сме задоволни“ -Јасмина Величкова, претседателка на синдикалната организација за судска служба
Од СДСМ, пак, обвинија дека „власта ги останава на цедило и наставниците“.
„Според законската обврска, платите на наставниците требаше да бидат зголемени за 12,15% од септември 2024 година, што би значело просечно зголемување од 4.300 денари. Но, тоа не се случи. Реалноста е понижувачка – зголемувањето од едвај 5% пристигна дури во октомври, оставајќи ги наставниците без заслуженото за нивниот труд“ – Жаклина Лазаревска, СДСМ
Инаку за утре е најавен протест пред Министерството за финансии каде ќе се соберат вработени од шест министерства и две институции.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар