Македонија
26. March 2024 - 16:47

Родители одлучуваат да платат казна ама не го вакцинираат детето

Плаќаат казна, ама не ги вакцинираат децата. Минатата година во ДСЗИ вакциналните пунктови пријавиле дека 141 дете некомплетно или воопшто не е имунизирано. Родителите се одлучиле да ја платат казната од 300 до 650 евра  и тоа половичен износ во рок од 7 дена преку постапка за порамнување, а другите 69 случаи завршиле на суд. Слична е состојбата и во првите два месеци годинава. Од 40 постапки, половината веднаш платиле.

  • Се повикува родителот во ДСЗИ се со цел да се поразговара со него, можеби и навистина не можел да го вакцинира детето во предвидениот термин,но често родителите се одлучуваат во рок од 7 дена да ја платат казната или одбиваат да го вакцинираат детето, потоа тие постапки завршуваат на суд, изјави д-р Рената Младеновска, директор на ДСЗИ.

Но, од судовите добивме далеку помали бројки за вакви предмети.

  • Во текот на 2023 година се воделе 7 предмети по конкретниот член, а поведени од Министерството за здравство на РСМ – ДСЗИ. Од нив 4 се завршени со пресуда во која е изречена санкција глоба во износ од 100 евра во денарска противредност плус паушалните трошоци во постапката, а 3 се се уште активни предмети, одговорија од Основниот Кривичен суд.

Од судот информираат дека во последните 5 години биле решени 202 предмети во однос на невакцинацијата. 15 завршиле со пресуда, 7 платиле казна, а 8 лица добиле судска опомена.

Останатите се отфрлени и вратени на ДСЗИ за поведување прекршочна постапка,бидејки според судот не било извршено порамнување.

  • Што понатаму се случувало со овие барање е надлежност на подносителот кој е должен да им овозможи порамнување пред да поведе прекршочна постапка, велат од Кривичен.

Инаку вакцинацијата во земјава е задолжителна и законска обврска за заштита на населението од заразни болести. Дека законот не се почитува од многу родители говорат и податоците од ИЈЗ. Пред почетокот на епидемијата со голема кашлица само во Скопје повеќе од 15.000 деца ја пропуштиле Ди-Те-пер вакцината.

Вчера министерот за здравство најави законски измени за да се казнуваат оние кои зборуваат против вакцините, но не кажа за какви санкции мисли и кога ќе се спроведе ова.