Само еден тендер за мазут преку компанијата на Капушевски е објавен на електронски систем
Само еден тендер на компанијата РКМ на Ратко Капушевски стои во Електронскиот систем за јавни набавки каде треба да бидат објавени сите договори кои ги склучуваат јавните институции. Станува збор за рамковна спогодба за набавка на Мазут за потребите на поранешната компанија Балкан Енерџи. Договорот е склучен на 20 јануари 2022 година во вредност од близу 40 милиони евра.
Во рамковната спогодба вметнати се само месеците за кои РКМ на Ратко Капушевски ја снабдувал Балкан Енерџи со мазут. Станува збор за месеците од грејната сезона. Според проекцијата, за 40 милиони евра, РКМ требало да ја снабди Балкан Енерџи со 520 000 тони мазут.
Набавките за мазут за потребите на ТЕЦ Неготино во периодот од 2021 до 2023 година, за кои сега Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал го става Капушевски меѓу 13-мината осомничени, не се објавени на Електронскиот систем за јавни набавки. Според нивното соопштение, преку испораката на мазутот за ТЕЦ Неготино во овој период нанесена е штета на буџетот од околу 168 милиони евра.
Надлежните институции годинава планираат да го „чешлаат“ работењето на државните енергетски компании. Министерката за енергетика, вели дека веќе договорила Државната ревизија да направи детална анализа на нивната работа.
Меѓу осомничените е и сопственикот на компанијата „Пуцко Петрол“ Асмир Јахоски. Оваа нафтена компанија е меѓу омилените на државните институции. Договорите на „Пуцко Петрол“ со државните институции за 2024 година се распространети на 28 страни. Компанијата склучила 281 договор за набавка на горива и нафтени деривати во вредност од 155 милиони евра.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар