Македонија
9. December 2022 - 12:07

СДСМ: Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да најдат решение за хаосот што го создадоа во Скопје

Делумното повлекување на блокадата не значи и решение на хаосот во Скопје што го создаде ВМРО-ДПМНЕ.

Граѓаните на Скопје живеат во заглавен град, со колабиран јавен превоз, целодневен сообраќаен метеж.

Голем дел од средношколците и студентите пропуштија сериозен фонд на часови затоа што не успеваа навреме да се пробијат низ блокадите на ВМРО-ДПМНЕ.

Многу родители не успеваа навреме да ги однесат своите дечиња во градинките каде што времето за прием е строго утврдено.

Штета трпат и лицата кои не успеваа навреме да стигнат на медицински прегледи, контроли и интервенции.

Стотици илјади граѓани трпат штети поради кавгата на Мицкоски со Арсовска, заради тендери, провизии и раце во медот.

Градоначалничката, претседателот на Советот, мнозинството во Советот на Град Скопје, директорите и членовите на управните одбори на јавните претпријатија во Скопје сите се кадри на ВМРО-ДПМНЕ.

Наместо да ја префрлаат кавгата низ улиците во Скопје и да се изживуваат врз граѓаните имаат обврска да седнат и да најдат решение за проблемот.

Арсовска, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ прво мора да им се извинат на граѓаните за штетите што ги предизвикаа, а потоа да најдат решение за проблемот што го создадоа и да го ослободат и Скопје, но и државата од блокади и хаос.

Доста беше изживување врз граѓаните, врз работниците, врз учениците , студентите и пензионерите.

 

Центар за комуникации со јавноста