Македонија
26. August 2019 - 20:25

Се уште активен пожарот кај езерото „Младост“, ветрот го отежнува гаснењето

Се уште е активен пожарот кај езерото „Младост“, Велешко. Пожарот во горниот дел кај езерото е ставен под контрола, но има проширување на краци назад кон Башино Село и отпадот „Дине“ кај автопатот, соопшти вечерва Центарот за управување со кризи.

На терен дејствуваат екипи на Армијата и екипи на Територијалните противпожарни единици од Велес, Неготино, Свети Николе, Штип и Кавадарци, а побарана е помош и од ТППЕ Скопје, која на фејсбук профилот објави дека нејзини екипи се веќе на теренот.

– Во текот на целиот ден се дејствуваше и од воздух со хеликоптер на Армијата и два канадери на Дирекцијата за заштита и спасување, кои поради слабата видливост во текот на ноќта ќе бидат повлечени, се наведува во соопштението.

Гори нискостеблеста шума, смрека и сува трева, а силниот ветар во моментот го отежнува гаснењето на пожарот. Во тек е координација на градоначалникот на Општина Велес со субјектите кои се вклучени во гаснењето на пожарот.

Претходно вечерва, за МИА од СВР Велес информираа дека  четири лица од градежна фирма од Велес, кои извршувале градежни работи со брусалица, се приведени под сомнение дека го предизвикале пожарот над езерото „Младост“.

– Се разговара со лицата и тие ќе бидат предадени на јавен обвинител, велат од СВР Велес.

Од Авто мото сојузот на Македонија соопштија дека вечерва во 19:40 сообраќајот на патниот правец Скопје-Велес, кој привремено беше пренасочен поради пожарот, е нормализиран