Македонија
2. February 2021 - 9:01

Седници на четири собраниски комисии

Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за надворешна политика, за финансирање и буџет, и за образование, наука и спорт, како и Законодавно-правната комисија.

Пред членовите на Комисијата за надворешна политика, осум новоименувани амбасадори ќе ги претстават своите платформи за дипломатските активности пред заминувањето во дипломатските мисии.

За нов вонреден и ополномоштен амбасадор во Грција е предложена Лидија Бошковска, а Васко Грков е номиниран за амбасадор во Србија. За Чешка е именуван Сашко Тодоровски, а за Jапонија – Горан Цеков. Амбасадор и наш постојан претставник при Советот на Европа во Стразбур ќе биде Светлана Гелева, Билјана Стефановска Сековска во Канбера, Комонвелт Австралија, во Кралството Холандија ќе не претставува амбасадорката Бети Јачева и во Естонија – Драган Јордановски.

На претходните продолженија на седницата пред Комисијата, своите приоритети како амбасадори ги претставија Шпреса Јусуфи, амбасадор во Косово, Марија Ефремова амбасадор при Светата Столица, амбасадорите на Македонија во Албанија, Данчо Марковски и во Казахстан Сали Лимани, Дане Талески новиот амбасадор кој ќе ја претставува земјата во Мисијата во НАТО во Брисел, како и амбасадорите во Данска, Фатон Бејта и во Катар – Шабан Јашари.

Законодавно-правната комисија ќе дебатира за два предлог – закона за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, и по договорот за заем за финансирање на Проектот за модернизација на земјоделството, двата по скратена постапка.

Измените на Законот за задолжница и на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари и дополнувањата на Законот за јавните набавки, пак, се на дневен ред на Комисијата за финансирање и буџет.

Комисијата за образование, наука и спорт треба да се изјасни по Предлог – законот за изменување на Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари и по Предлог законот за дополнување на Законот за научно-истражувачката дејност, поднесен од пратеници.