Македонија
22. August 2020 - 8:23

Седум градови имаат трицифрен број на активни случаи на КОВИД-19

Од 115 новодијагностицирани на КОВИД-19 во изминатите 24 часа, најмногу се од Скопје (32), а двоцифрен е бројот и во Штип – 14, Гостивар – 11 и во Тетово – 10. Помалку од десет новозаразени имаат 13 општини: по осум случаи се во  Дебар и Берово, седум во Куманово, четири во Свети Николе, по тројца во Делчево, Охрид, Гевгелија, Крива Паланка и Кичево, двајца во Прилеп и Велес и по еден нов случај во Кочани и Пробиштип.

Во здравствениот билтен вчера за поминати 24 часа, регистрирани се тројца починати пациенти – двајца се од Скопје на 62 и 68 години и еден од Струга, исто така на 68 години. Институтот за јавно здравје бележи и 225 оздравени пациенти, од кои 146 се од Скопје.

Со новопотврдените на коронавирусот, вкупно 13 308  се дијагностицирани од почетокот на епидемијата во земјава пред речиси шест месеци. Оздравени се 9977, починати 557.

Активни на вирусот се 2774 случаи, од кои 833 се во Скопје, а трицифрен е бројот во уште шест градови – 298 во Гостивар, 294 во Куманово, 252 во Штип, 160 во Тетово, 136 во Струга и 113 во Кичево. Од скопските општини, трицифрен е бројот во Чаир (114) и Гази Баба (103), а висок број (99) активни случаи има и во Аеродром.

По неколку дена затишје, кога немаше новозаразени или беа само по еден или два случаја, повторно се зголеми бројот на новозаразени во Дебар. Во  изминатото деноноќие КОВИД-19 во оваа опшина е потврден кај осум лица, со кои досега во овој месец се дијагностицирани 38. Општинскиот оперативен штаб, според кој порастот се должи на непочитување на препораките за заштита во угостителските објекти, на плажите на Дебарското Езеро и во домовите каде што има групирања за разни поводи, апелираше да се избегнуваат собирања и строго да се почитуваат мерките.

Пораст на новозаразени во 24 часа има и во Берово и Делчево, вкупно 11. Осум се во Берово од каде што надлежните соопштија дека имаат досега најголем број заболени на дневно ниво. Повеќето од нив се во добра состојба, но има и пациенти кои се лекуваат во болнички услови. Со новите позитивни, во Пијанечко-малешевскиот регион има  37 активни случаи, од кои четири се од општините Македонска Каменица и Пехчево.

Тројца нови се регистрирани и во Крива Паланка, што е најголем број на новодијагностицирани во едно деноноќие во оваа општина од почетокот на епидемијата. Еден од нив е здравствен работник, што е и прв случај на медицинско лице заболено од вирусот во оваа општина каде што вкупно активни сега се десет.

Според новите правила кои ги донесе Министерството за здравство на Србија, македонските државјани од вчера веќе не мора да приложат ПСР-тест при влез во Србија доколку само поминуваат низ нејзина територија. Периодот на транзитирање е ограничен на 12 часа од моментот на преминување на границата.

Влез во земјата за македонски државјани е дозволен доколку се поседува негативен ПСР-тест за присуство на коронавирус, не постар од 48 часа од датумот на издавање, издаден од референтната лабораторија.

Во Уредбата објавена во Службен весник на Србија, која се применува од вчера, се наведува дека Северна Македонија, Бугарија, Романија и Хрватска се сметаат за ризични земји.