Бизнис
21. February 2024 - 16:54

Секој жител во просек должи по 2.000 евра кон банките, кредитирање расте, заштедите се топат

Живот на кредит. Така живеат најголем дел од граѓаните. Според податоците кои ги објави Народната банка, домаќинствата најмногу се задолжуваат со потрошувачки кредит, картички и минусни салда на сметките. 

Високата инфлација  и неможноста да го поминат месецот само со плата, ги натера граѓаните да бараат кредит плус. Кредитирањето бележи пораст од 6,9% годишно, или 0,3 отсто е порастот само во јануари.

Во моментов граѓаните кон банките должат 3,6 милијарди евра. Ова значи  дека секој жител во државата во просек должи по 2,000 евра. Најголем дел -  1,9 милијарди евра се потрошувачки кредити. За минусни салда и кредитни картички – долгот кон банките изнесува 267 милиони евра.

Високите цени за метар квадратен, заедно со зголемените камати и заострените критериуми на банките, ја намалија побарувачката за станбените кредити. Месечниот пораст е само 0,3% , во споредба со бројките од пред 2 години, кога месечно растот надминуваше по 11%. 

Домаќинставата за станбени кредити должат 1,4 милијарди евра. Кредит за нов автомобил ретко кој зема.  По овој основ граѓаните должат 6,5 милиони евра. И додека кредитите растат, заштедите се топат.

Граѓаните и фирмите во банките чуваат 8,7 милијарди евра. Од нив 5,7 милијарди се пари на граѓаните, а останатите  2,6 милијарди евра отпаѓаат на заштеди на компаниите.