Македонија
8. January 2025 - 16:44

Скопје утрово втор најзагаден град во светот – Ќе преземат ли советниците чекори за решавање на проблемот?

Нов ден, иста титула. Најзагаден европски град, а утрово и втор по ред во светот. Скопјани продолжуваат да се гушат во токсични честички. 

Невладиниот сектор реши да лобира кај советниците на Град Скопје, за да преземат мерки. Од 02 иницијативата, договориле средби со советниците од сите партии на кои ќе предложат серија мерки, кои очекуваат да бидат изгласани од Советот, а потоа и спроведени во пракса. Тие бараат од следниот октомври да се забрани греење на нафта и мазут во домакинствата. Оној кој нема друг избор освен да се грее на дрва, да си вгради филтри за оџаците, а истите да ги субвенционира градот.  

Од невладиниот сектор бараат и видео надзор на стрништата во целата скопска котлина, за може полесно да се утврди кој ги пали, а пироманите да бидат фатени на дело. 

Најголемите политички партии во советот на Градот искажуваат оптимизам за средба со невладините, но не ја испуштија приликата да посочат кој е виновен за загадениот воздух.

И покрај обидите, никој од советниците на СДСМ не сакаше да одговори на прашањата. Од партијата пак преку соопштение ја обвинија власта за загадениот воздух. 

Зачудувачки и во исто време загрижувачки е како власта на ДПМНЕ со голема леснотија го игнорира загадувањето и не презема ништо. Загадувањето на воздухот е сериозен проблем кој влијае врз здравјето на луѓето и наместо да ги остава граѓаните сами на себе власта треба итно да преземе сериозна институционална акција за намалување на загадувањето, велат од опозициската партија.

Последно, според анализите на ресорното министерство начинот на кој граѓаните ги затопуваат домовите е главен фактор за загадениот воздух. Неопходно е да се смени системот на затоплување, односно помалку фосилно гориво, повеќе еколошки горива, меѓу кои и централното затолување.