Македонија
12. October 2019 - 14:42

Соботка: Со блокада на почетокот на пристапни преговори на Македонија и Албанија се штети на кредибилитетот на ЕУ

Претседателот на австрискиот Парламент Волфганг Соботка ја поддржува европската интеграција на Македонија, Албанија и целиот Западен Балкан и смета дека секој кој го блокира почетокот на пристапните преговори со Македонија и Албанија го загрозува европскиот курс на Западен Балкан и штети на кредибилитетот на Унијата.

Ова го истакнува во очи состанокот на Интерпарламентарната унија во Белград и најавува дека конференцијата ќе ја искористи за натамошно уверување за потребата од почнување пристапни преговори со Скопје и Тирана.

- Јас сум уверен поддржувач на европската интеграција на Македонија, Албанија и целиот Западен Балкан. Кандидатите за членство, Македонија и Албанија во изминатите години направија важен напредок на патот на правно, политичко и економски приближување на ЕУ. Македонија го заврши спорот околу името со Грција, поради тоа, даде важен придонес во помирувањето и преимер е за целиот регион. Понатамошно одложување на почетокот на преговорите би бил потполно погрешен сигнал, порачува во соопштение Соботка.

ЕУ, според него, е нецелосна без државите од Западен Балкан.

- Кој по тоа прашање има поинакво мислење,  не ја зема предвид опасност од дестабилизација во економски и безбедносен поглед непосредно пред својот праг, нагласува Соботка.

Албанија и Македонија, порачува, прават сеопфатни напори во областа на правосудството и демократизација на општеството.

- Сето тоа мора да се има предвид, а тоа значи почеток на претпристапни преговори ако земјите ги исполниле значајните критериуми, потенцира Соботка.