Собранието не ја прифати интерпелацијата за заменик-министерот за внатрешни работи
Собранието вчера со четири гласови „за“ и 62 против не ја прифати интерпелацијата против заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени што ја поднесе „Европски фронт“.
Интерпелацијата ја образложи Дијана Тоска која од Исени побара одговорност и оставка зашто, како што рече, покажал неспособност да ја извршува функцијата, не успеал да ја зачува безбедноста и придонел за поттикнување на меѓуетничките тензии. Интерпелацијата, истакна Тоска, е повик за правичност и почитување на слободите и правата на граѓаните од страна на институциите, но и повик за мир.
Исени оцени дека интерпелацијата не кореспондира со реалноста и претставува обид за дефокусирање на јавноста од злоупотребите на институциите во изминатите две децении.
- Не успеавте да ја зачувате безбедноста, придонесовте за поттикнување на тензиите, покажавте пасивност и неодговорност, вашиот неуспех за обезбедување еднаков третман од страна на институциите е јасен доказ за неспособноста да се извршува оваа функција. Интерпелацијата е барање одговорност, повик за правичност и почитување на слободите и правата на граѓаните од страна на институциите, ова не е само политичко прашање, туку и прашање на држава која цели да биде демократска, нагласи Тоска.
Таа се осврна на случувањата од 28 ноември, кога, како што рече, „само граѓаните Албанци беа уапсени, а ниту една мерка не се презема за тие што го запалија албанското знаме“.
Исени во одговорот истакна дека интерпелацијата нема врска со неговата работа.
- Чист сум од секој аспект и горд сум зашто никогаш не сум бил инволвиран во ниту една коруптивна афера. Немам криминално досие и не сум искористил класифицирани информации за криминални групи. За вас унапредувањето на Албанците никогаш не било приоритет, приоритет Ви биле отворањето казина, лотарии и игри на среќа за да создадете богатство. Интерпелацијата е обид да се покрие минатото на тие што работеа изминатите две децении и ја злоупотребуваа секоја позиција. Каде бевте кога имаше меѓуетнички инциденти, убиства и многу други монтирани случаи кои до денес не се откриени, како „Монструм“? Вие што денес зборувате за праведност, замолчивте за албанските семејства, како во случајот „Алфи“. Колку убиства се случија и колку казни изрековте, а зборувате за правда? Вие 22 години не можевте да откриете ниту еден монтиран случај. Во однос на кумановскиот случај, ова е прв пат да има казни за националното знаме, подвлече Исени.
Во рамки на денешната 29. седница, прва оваа година, беа отфрлени и интерпелациите за работата на првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, вицепремиерот Иван Стоилковиќ и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, сите поднесени од „Европски фронт“, а прифатена беше интерпелацијата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути поднесена од Левица.
Ново на Сител
-
Портокалов аларм за снежна бура во Македонија
-
Пратениците ѝ изгласаа недоверба на Илире Даути, но таа останува на функцијата
-
Газдите бараат работници, на доктори им се нуди минималец
-
Oткупот на тутун скоро при крај
-
Амбулантите се полнат, пикот на грипот се очекува кон крајот на месецот
-
За Водици се очекуваат голем број посетители
-
Снежен бран ја очекува Македонија
-
СДСМ возвраќа на национализмот што ДУИ го шири