Македонија
6. April 2016 - 14:35

Собранието расправа за измени на Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 98.седница ја почна расправата по Предлог-законот за изменување на Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење во прво читање, поднесен од група пратеници.

Опозицијата смета дека основна цел на Предлог-законот е да им се олесни постапката за изведување на градежните работи на граѓаните кои имаат објекти за домување во овој дел на Охрид. Наспроти нив, за владеачкото мнозинство ова решение е неприфатливо бидејќи контактната зона во Охрид би се оставила без режим на заштита. 

Томислав Тунтев од СДСМ рече дека нивниот предлог е да се избрише ставот во кој се вели во контактната зона на старото градско јадро не смее да се вршат земјени или други градежни работи без археолошки надзор, да се предвидуваат новоградби, сообраќајници и други градежни работи без археолошки истражувања на просторите за кои има сознанија дека постојат археолошки локалитети, да се изврши усогласување на висината и габаритите на новоизградените објекти на начин со кој се оневозможува затворање на визурите кон споменичната целина, а висината на објектите да се определува согласно актите за просторно и урбанистичко планирање. Додаде дека последната алинеја е да се изведуваат интервенции кои можат да го загрозат интегритетот на поединечните заштитени добра во радиус од 15 метри.

Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ во реплика на излагањето на Тунтев рече дека неговите намери по однос на законското решение за заштита на старото градско јадро не се добронамерни.

Посочи дека кога се изведуваат тие земјени работи мора да се изведуваат со археолошки надзор. При изведувањето на градежни, земјоделски работи, истакна, инвеститорот е должен при копање исто така, ако дојде до такви наоди веднаш тоа да го објави.

- Во однос на тоа дека не смее да се предвидуваат нови градби и сообраќајници, како и да се вршат земјени и други градежни работи без да се извршат археолошки истражувања на просторите за кои има сознанија дека веќе постојат археолошки локалитети, ова не е во согласност со основните начела на заштитата на културното наследство. Мора тоа на некој начин да го заштитиме. Тоа е сведоштво не за 10, 20, 30 години, туку илјадници години, сведоштво дека сме постоеле на овие простори, додаде Затуроска.

На дневен ред на 98.седница се измените и дополнувањата на законите за туристички развојни зони, за шумите, за персоналниот данок на доход, за здравственото осигурување, за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Барањето за давање на автентично толкување на член 111 став 4 од Законот за административни службеници, поднесено од градоначалникот на општина Битола.

Седницата ќе продолжи во 15:30 часот по редовната пауза.