Македонија
8. March 2016 - 15:17

Собранието втор ден расправа по информацијата за образованието

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 92. седница ја продолжи расправата по Информацијата за општите состојби во образованието во Република Македонија и ефектите од екстерното тестирање во основното и средното образование, поднесена од група опозициски пратеници.

Пратениците од опозицијата во денешната расправа, која почна вчера, укажуваа на загрижувачката состојба во образованието, реформи кои, според нив, направија хаос. Пратениците од мнозинството, пак, посочија на реформите кои се преземени во насока на квалитет на образованието.

Според Милева Горгиева од СДСМ последниве години состојбите во образованието во Република Македонија се загрижувачки, а се резултат на носењето на брз начин непромислени и лоши закони, почнувајќи со Законот за екстерното тестирање.

- Екстерното е една од најкритикуваните мерки на Владата, која го воведе и објаснуваше дека ќе се подобри квалитето во образованието. Напротив со воведувањето се создаде голем хаос во образованието, а резултатите и ефектите се нула, рече Горгиева.

Додаде дека во сите држави се спроведува екстерното заради оценување на усвоените знаења кај учениците и доколку се утврдат неправилности и недостатоци да се корегираат, со тоа што ќе се променат наставните програми. Додека кај нас, како што рече, се воведуваат заради притисок врз наставниот кадар. Напомена дека стрес е и воведувањето Кембриџ програмите, за што се потрошени 2,5 милиони евра, дека проблем има со греењето, дека не е добра состојбата и во студентските домови...

Рената Дескоска истакна дека ставот на СДСМ е дека во образованието се потребни сериозни реформи и дека треба да се укине екстерното од причини што не ги дало резултатите поради кое е воведено, а тоа е мерење на квалитетот. 

Промашените образовани политики се провлекуваат од основното, преку средното до високото обрзование и оставаат трајни последици во општеството, рече Дескоска. Според неа, така како што се поставени реформите не може да го унапредат образованието.

Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека на образованието не гледаат со розеви очила, дека има проблеми, но оти даваат поддршка тие проблеми што ги оставила власта од 2002 до 2006 година да се санираат.

Потенцира дека екстерното тестирање нема да се укине, туку постојано ќе се реформира.

Сашо Аќимоски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Владата екстерното тестирање го воведе за да се вовоеде квалитет на обраованието, и доколку има неправилности треба да се разговара за надминување, но никако за укинување.

- Граѓаните не сакаат да слушаат гола демагогија, туку дела во нови 80 училишта, реконструирани над 200, изградени 150 спортски сали, дисперзирани студии, зголемени плати, рече Аќимоски.

Магдалена Манаскова потенцира дека се преземаат реформи што се спроведуваат првпат и резултатите не доаѓаат веднаш.

Весна Дамчевска Илиевска истакна дека нема училиште каде во овој период не е инвестирано.

Јасминка Дамческа, исто така, рече дека државата води грижа за обрзованието и оти ќе се продолжи со прокетите за јакенње на образованиот процес.

- До 2006 година сликата на училиштата беше катастрофална. Од 2006 се реконструираат, се градат училишта. Досега имаме изградено 72 нови и реконструирани над 350 основни и средни училишта. Се планира и изградба на нови училишта, рече Дамческа.

Светлана Карапетрова наведе дека од 2009 се реализирани 8.000 трансформации на работен однос во образованието и дека Владата континуирано работи во образованиетои се грижи за наставниците.

Весна Пемова ги посочи воведениот бесплатен превоз за учениците, бесплатниот интернет за основните и средни училишта, зголемените плати...

Лилјана Кузмановска истакна дека се одвојуват повеќе средства од Буџетот во образованието и оти 4 милиони евра се вложени за студентски домови.

Расправата по информацијата ќе продоложи по редовната едночасовна пауза на пратениците.