Македонија
29. September 2024 - 12:42

Сообраќајка на две товарни возила, во прекин сообраќајот на магистралата Куманово - Крива Паланка

Поради судир на две товарни возила на патниот правец Куманово - Крива Паланка, кај населеното место Стамболов, во целосен прекин е сообраќајот на магистралата А2.

Од Министерството за внатрешни работи, Сектор за внатрешни работи Куманово потврдија дека поради сообраќајка што настанала нешто по десет часот утрово сообраќајот во двата правци е во прекин.

Портпаролката на СВР Куманово, Ивана Младеновска, рече дека екипите на МВР се на терен и вршат увид на лице место, засега нема детални информации, освен потврда дека станува збор за товарни возила со приклучни приколки.

Од терен известуваме дека патничките моторни возила се пренасочуваат кај село Т'лминци кај Пролетерски гаражи по локалниот пат низ село Конопница што ги води кон клучка на патот со магистралниот пат А2, додека товарните возила се уште чекаат во колона.