Македонија
2. February 2016 - 11:07

Соработка меѓу Универзитетот „Св.Климент Охридски“ со МОН во Израел

Универзитетот „Св.Климент Охридски“ (УКЛО)-Битола ја продолжи соработката со Министерството за образование и наука од Израел. Од УКЛО информираат дека академската соработка со Израел ќе се одвива на неколку полиња, односно соработка со универзитети, институти и со заеднички проектни апликации.

Ректорот Сашо Коруновски и проректорите Елизабета Бахтовска, Виолета Маневска и Марјан Ангелески, јави дописникот на МИА од Битола, остварија работна средба со Леа Даби-Чаки од израелското Министерство за образование, која воедно е и предавач на бројни високообразовни институции во Израел, меѓу кои и „Шем Олам“, е задолжена за проекти поврзани со Холокаустот.

- На работната средба во Битола, Даби-Чаки и раководството на УКЛО ги разгледаа можностите за академска соработка со соодветни институции од Израел и разменија идеи за проектна соработка во рамките на расположливите фондови за поддршка, информираа денска од УКЛО-Битола.

Од секторот за односи со јавност при УКЛО-Битола посочуваат дека во текот на минатиот месец , односно пред летниот семестар кој почна на 1 февруари, реализирани се или афирмирани и  други меѓународни активности.

- Во тек е јавниот повик за учество на Петтата меѓународна конференција за апликативни интернет и информациски технологии - AIIT 2016 која годинава,  на 3 и 4 јуни, ќе ја организират Факултетот за информациски и комуникациски технологии-Битола и Техничкиот факултет „Михајло Пупин“ од Зрењанин, Србија. Тема на оваа конференција е истражувачкиот и апликативниот аспект на научни теми од областа на информатичката технологија. Тоа претставува одлична можност за истражувачите и практичарите да ги презентираат своите достигнувања. Пријавените и селектирани трудови, по завршувањето на Конференцијата, ќе бидат објавени во меѓународно списание, информираат од УКЛО-Битола.

УКЛО-Битола во соработка со амбасадата на САД објави повик и ги афирмира програмите за студиски престој во САД во рамки на Фулбрајт програмата во која студентите со завршени студии од прв или запишани на втор циклус, може да аплицираат за истражување или мастер студии, најдоцна до 31 мај оваа година. На својата официјална веб страница УКЛО го објави и повикот на ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Грција и Република Македонија (2014 – 2020), чиј краен рок за поднесување на проектните предлози е 31 март 2016 година, а финансиските средства кои што се достапни за проектните предлози на двете држави, се во износ од 20.461.530 евра.