Спасовски: За справување со актуелната состојба потребно е заедничко делување на сите земји
Премиерот Оливер Спасовски, денеска учествуваше на видео конференцијата на Самитот за Западен Балкан 2020, под покровителство на канцеларот на Австрија, Себастијан Курц, на која се расправаше за соработката на актуелни прашања од интерес на граѓаните од регионот и за проширувањето на ЕУ, како и за справување со корона вирусот.
На видео конференцијата, премиерот Спасовски беше придружуван од вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, а на неа учествуваа премиерите од земјите на Западен Балкан, и еврокомесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ Оливер Вархеји.
Премиерот Спасовски во обраќањето се осврна на состојбата со коронавирусот и на тоа што земјава презема за спречување за спречување на ширењето. Порача дека е потребно заедништво на сите земји од регионот, но и од Европската унија.
-Република Северна Македонија прогласи кризна состојба во две општини. Бројот на потврдени позитивни случаи на заразени со Корона вирусот изнесува 23 лица, а 2 лица кои се позитивни на Корона вирус на тест направен на приватна клиника, во текот на овој ден повторно ќе бидат тестирани во Институтот за јавно здравје.Подготвени се сите потребни активности за да обезбедиме и спроведеме ефикасни мерки за справување со ситуацијата и со ширењето на корона вирусот. Сите институции и нивните припадници, стручни за организирање и спроведување на сите неопходни акции и мерки од Акцискиот план за оперативна имплементација на Одлуката за постоење на кризна состојба се на терен, рече Спасовски.
Од двата меѓународни аеродроми, додаде, сега работи само еден – Меѓународниот аеродром во главниот град Скопје, а по истек на 48 часа од денот на влегувањето во сила на оваа одлука на Владата, тој ќе биде во функција само за државни, воени, хуманитарни, болнички, карго и летови без патници за позиционирање на воздухоплови, со претходна најава до аеродромскиот оператор ТАВ Македонија ДООЕЛ, а АД М-НАВ Скопје да издаде НОТАМ препорака.
-Донесовме одлука да ги затвориме границите за сите странски државјани. Во функција се само пет копнени гранични премини само за нашите државјани и за товарните возила за кои е воведен посебен безбедносно санитарен и здравствен режим. Ги поставивме работите на највисоко и најодговорно институционално рамниште, и такви ќе останат во секоја наредна фаза. Сметаме дека сме подготвени како општество за институционален одговор за оваа ситуација. Ова е време кога секоја земја треба да има свој автентичен одговор, но корона вирусот покажа дека не познава граници и дека не можеме да ставиме стаклено ѕвоно над било која од нашите држави, истакна премиерот Спасовски.
Заканата од пандемијата со која се соочуваме, според него, ја покажува важноста на меѓународната соработка. Светот, вели тој, е поврзан, а поврзаноста е еден од најсилните аргументи и причини за силни економски врски, за слободен пазар и за слободна комуникација и соработка. На тие основи, потенцира е поставен и економскиот и социјалниот напредок на секоја земја.
-Затоа сега е исклучително важно и за заеднички решенија за заедничкиот предизвик. Заедно, сите Влади во светот да работат на заштита на економиите, на проширување на јавните инвестиции и на обезбедување поддршка за најранливите. Ниту една земја не може да го стори тоа сама. Секако, сега е најважно пандемијата да се стави под контрола, а потоа и да се запре. Сега сме во критичната точка во однос на глобалниот одговор на COVID-19. Затоа треба сите да се вклучиме за да го задржиме светот безбеден. Овие активности вклучуваат брзо откривање на случаи, запирање на преносот на вирусот и грижа за засегнатите, потенцира Спасовски во обраќањето.
Тој смета дека во услови кога современиот свет се соочува со оваа сериозна хуманитарна криза, неопходни се заеднички мерки и градење капацитети. Северна Македонија, потенцира, е одлучна да придонесе за кохерентен пристап во соработката со партнерите, институциите и агенциите на Европската Унија.
– Во овие моменти нашите грижи со право се насочени кон решавање на прашањето на заканите од Корона вирусот и кон остварување на таа цел за да им го вратиме безбедното секојдневие на граѓаните од нашата земја, на граѓаните од регионот, од Европа, и во целиот свет. Колку што може побргу на граѓаните да им ја вратиме состојбата на просперитетни, безбедни, мирни и слободни општества, кои можат да се градат само преку преземање и целосна примена на основните вредности, како што се гаранцијата за безбедни општества во кои се почитуваат човековите права, демократијата и владеењето на правото, истакна Спасовски.
Тоа, додаде тој, се вредности на Европската Унија и на земјите со аспирација да бидат членки на унијата кои не смееме да дозволиме да бидат доведени во прашање пред ниту една закана.
-Кога станува збор за Република Северна Македонија, недвосмислената порака дека нашата земја ги прифати и ги практикува европските вредности пристигна со мини извештајот на Европската Комисија.
Во него уште еднаш е констатиран значаен напредок во остварувањето на законските реформи и во нивното спроведување кои беа наша домашна задача. Со констатацијата за значајниот напредок за нашата земја, Европската Комисија по 11-ти пат на Европскиот Совет му препорача да одобри почеток на преговори со Република Северна Македонија. Одлуката за започнување преговори е неопходна како признание и валоризација на значителниот напредок постигнат во изминатите 3 години. Тоа ќе ја потврди политичката зрелост на земјата и на вложениот капитал во европската перспектива, вели Спасовски и додава дека тоа е важно и за граѓаните, за нивната доверба во вредностите и принципите на ЕУ и, конечно, за нивното вклучување и придонес во процесот, како експерти, интелектуалци, професионални во секоја област на преговорите.
Неопходно е, додава Спасовски, сите земји-членки да разберат дека сите натамошни одложувања и дополнителни услови дадени на процесот се еднакви на драгоцено изгубено време во однос на реформите во ЕУ за целиот регион. Прифаќањето на новата методологија и усвојувањето на одлуките за пристапување без натамошно одложување сега во март, според него, може да ни обезбеди на сите нас сценарио за успех, успех и на Северна Македонија, и успех и на ЕУ.
-Отворањето на пристапните преговори ќе биде во согласност и со новата методологија за проширување како стратегија на Европската комисија за зајакнување на процесот на пристапување и за кредибилна перспектива на ЕУ за Западен Балкан. Дозволете ми да завршам велејќи дека планот на ЕУ за регионот треба да биде – повеќе не одложувајте! Без разлика на актуелната криза, потенцира Спасовски.
Тој додава дека земјава многу високо ги цени заложбите на Австрија во спроведувањето јасна европска перспектива за земјите од Западен Балкан. Тој приоритет за австриската Федерална влада, смета, е воедно и придонес да се обезбеди стабилност, безбедност и просперитет во Европа. За особена почит, додава, е определбата на Австрија да остане посветена и да продолжи да ги поддржува своите партнери во Западен Балкан на нивниот пат во ЕУ.
-На само неколку дена пред решавачкиот состанок на Европскиот совет на 26/27 март, ја сметаме како особено значајна целта на Австрија и на Самитот за Западен Балкан 2020 да се испрати јасен сигнал до партнерите во ЕУ дека регионот останува посветен на европскиот проект. Од друга страна, сметам дека делиме иста определба и ние земјите од регионот да продолжиме да ја интензивираме соработката со ЕУ на бројни полиња. Особено за оние прашања за кои што има итна потреба да се најдат заеднички решенија. Меѓу нив секако со висок приоритет е прашањето на мигрантската криза пред портите на ЕУ, како и одговорите за климатска криза, потенцира тој.
Убеден е дека дебатата за иднината на ЕУ, преку оваа видео конференцијата, ќе понуди платформа за размена на мислења и на овие теми.
Ново на Сител
-
Одложен е тендерот на кој ЕСМ требаше да понуди цена по која ќе му продава струја на ЕВН
-
Тема на денот со поранешните конгресмени Дејвид Хагс и Бил Флорес
-
Тошковски: 15 службеници издавале дозволи за оружје незаконито, опозицијата го обвинува дека отпушта професионалци
-
Кумашини на Ѓорчевски први ги поврзале исчезнувањата на Вања и Панче
-
Директорот на Детска обвини поединци со лажни ФБ профили за хајка против него и клиниката
-
Втор ден комисиска расправа за буџетот - За власта развоен, за опозицијата погубен
-
Заврши рокот за докомплетирање на документации: Локална самоуправа ќе открие која Општина за што добила пари
-
Претходното раководство на Пошта од централниот објект сакало да направи кабаре