Македонија
10. October 2022 - 12:12

Струја за 5.500 домаќинска од новата соларна електрана во Амзабегово

 – За 5.500 домаќинства ќе се обезбедува струја од соларната електрана со капацитет од 17 мегавати лоцирана во светиниколско Амзабегово, инвестиција на Групацијата ГЕНИ.  Изградбата на капацитетот почна лани, а 17-те мегавати соларна енергија веќе се доставуваат низ мрежата, која е ставена во функција три месеци пред предвидениот рок.

Игор Коприварник, претседател на Управниот одбор на ГЕНИ, на прес-конференцијата по повод почетокот со работа истакна дека новиот капацитет е најголемата соларна електрана што е изградена во државава и оти е клучна пресвртница во нивната работа, но и во зелената трансформација на регионот и Северна Македонија.

-Владата ги препозна инвестиците во соларни фотоволтаици како клучен чекор во исполнувањето на целите за одржливост. Кризата со енергенсите ги засега сите, цената на струјата расте, на крајот на август го достигна врвот од 1000 евра по мегават час, поради што соларното производство на струја има уште поголемо значење, секој мегават час е важен, рече Коприварник.

Според премиерот Димитар Ковачевски, инвестицијата е огромен чекор за остварување на владините амбиции за обезбедување електрична енергија од обновливи извори на енергија.

-Денес не зборуваме за минатото, туку за иднинатата. Зборуваме за нови прокети што треба да ни донесат стабилност во снабдувањето со електрична енергија. Најголемата инвестиција во фотоволтаична централа покажува како работи одговорна Влада, како може да функционираат институциите на државно и на локално ниво и како во тоа има резултат што доаѓа три месеци пред зададениот рок, рече Ковачевски.

ГЕНИ доби 17 од 35 мегавати што беа понудени на тендерот од Министерството за економија.  Како што посочи ресорниот министер Крешник Бекшети, со оваа инвестицијата се добиени дополнителни 17 мегавати, колку што е направено во изминатите 30 години во државава.

-Во рок од 2,5 години ќе имаме инсталирана снага од над 220 мегавати, а се подготвуават и нови повици и се надевам дека мандатот ќе го заокружиме со над 30 мегавати само од фотоволтаици, најави Бектеши.