Бизнис
14. May 2024 - 16:38

Структурни реформи веднаш, за поголем економски раст

Структурни промени веднаш, за да има одржлив раст. Експертите со порака до новата власт -  за подобри економски бројки неопходни се реформи во здравството, образованието, деловното опкружување, инстутуциите и владеење на правото.  Поголема транспарентноста во трошењето на парите и реализација на капиталните проекти кои ќе го предводат растот. Се додека 90% од буџетот оди за плати, пензии и социјалните трансфери, растот ќе каска, велат екпсертите.

Капиталните инвестиции се стожерот на растот. Ние имаме направено истражување кое покажува дека голем дел од тие инфраструктутни прокети можат да се направат со двојно помалку пари. Значи неопходна е поголема транспарентност. Ефикасноста на јавните финансии е исклучително ниска.  Да се надеваме дека ќе има солидни промени за догодина вели Борче Треновски, универзитетски професор.

По вчерашните надолни проекции на Народната банка за раст на економијата, високиот дефицит и јавен долг,  Треновски смета дека бројките можат да бидат и подобри. Задолжувањето смета дека е неопходно, но треба да се внимава на што ќе се трошат милијарда евра заем која ја најави Мицковски.  Тој треба да одговори и што би добил давателот на кредитот за возврат, затоа што никој не позајмува пари, ако нема интерес.

Ние мора да се задолжиме, за да се раздолжиме. Но ќе мора да се направата и  одредени кратења во социјалните политики. Сепак, при земањето на милијарда евра ќе треба да се разјаснат одредени правила- кога земате кредит од ММФ и Светска Банка тие бараат да се исполнат одредени услови. Нема беспатаен ручек во економијата. Која е логиката некој да ви даде толкава сума на пари , со ниска камата и грејс период. Дали таа земја ќе има одредени привилегии за некакви инвестиции кај нас и на крај, како ќе бидат искористени парите,додава Треновски.  

Инаку Народната банка проектира економски раст од 2,6% и инфлација од 3,5 отсто, до крајот на годината. Треновски очекува и пониска инфлација,  која сепак ќе зависи од домашната политика. Ако платите и пензиите и натаму растат,  можно е  и зголемување на трошоците за живот.