Македонија
23. July 2019 - 11:14

Талат Џафери: Има шанси Законот за обвинителство да се донесе до 30 август

Законот за обвинителство се уште не е стигнат во парламентот, но ако стигне денеска и ако има договор меѓу политичките партии, законот може да биде донесен до 30 август, тврди собранискиот спикер Талат Џафери.

-Доколку денеска и утре законот пристигне во Собранието, на 29 јули можам да свикам седница и да помине во прво читање. Потоа во рок од седум дена од првото читање законот треба да помине и на матичната комисија, а од 26 до 30 август може да се свика седница за второ читање на законот. Но, тоа е ситуација доколку се усогласат ставовите, кажа Џафери.

- Се зависи од односот на политичките субјекти. Ако законот дојде во парламентот, а не е усогласен меѓу партиите, ние можеме да ја почнеме парламентарната процедура и да ја завршиме дебатата. Во тој случај може да одиме на гласање и без 80 пратеници, законот да не го донесиме или да ја прекинам седницата и да чекам договор додека не се обезбеди 2/3 мнозинство - вели Џафери на денешниот брифинг со новинарите.

Според него битно е и ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи Законот, но од формален аспект, како што рече Џафери, не е битно од кои 80 пратеници е составен широкиот консензус. 

Роковите околу донесување на овој закон утринава бил интерес и на американската амбсадорка Кејти Бирнс која се сретнала со Џафери.

Тие разговарале и за последните случувања околу СЈО, при што заклучиле дека за ваквите случаи мора да има соодветен епилог инаку се остава простор за шпекулации.

Катерина Нешкова