Таткото на Ејми Вајнхаус загуби судски спор за аукција на предмети на неговата ќерка

Таткото на покојната пејачка Ејми Вајнхаус ја загуби битката пред Високиот суд против две пријателки на неговата ќерка, откако десетици нејзини лични предмети беа продадени на аукција.
Мич Вајнхаус поднесе тужба против Наоми Пари и Катриона Гурлеј, обвинувајќи ги дека профитирале од предмети продадени на аукции во Соединетите Американски Држави.
Адвокатите на Вајнхаус пред судот изјавија дека двете жени „намерно ги прикриле“ продажбите и рекоа дека тој се одлучил на правна постапка бидејќи тоа му бил „единствениот начин да добие одговори“.
Заменик-судијката на Високиот суд, Сара Кларк КЦ, пресуди против и изјави дека Вајнхаус „можел да открие кои спорни предмети ги поседувале обвинетите со разумна упорност“.
- Вајнхаус е разбирливо чувствителен за секого за кого смета дека ги експлоатира спомените на Ејми … Но исто така, според мојата пресуда, тој е еднакво чувствителен во обезбедувањето семејството да продолжи да има финансиска корист – рече судијката.
Таа исто така наведе дека тој „сака да доминира со луѓето и ситуациите“, дека го смета за „несигурен сведок“ и дека го поднел барањето „без да се потруди да провери до кратко пред судењето“ дали има валидно право врз предметите за кои поднел барање.
Ејми Вајнхаус беше кантавторка и добитничка на Греми награди, најпозната по хитовите како Rehab и Back to Black. Таа почина во 2011 година на 27-годишна возраст.
Адвокатите на Пари и Гурлеј изјавија дека предметите или им биле подарени од Ејми Вајнхаус или веќе им припаѓале ним.
Судијката опиша како пејачката „рутински“ им подарувала облека на своите блиски пријатели бидејќи не сакала да биде видена како носи исто парче повеќе од еднаш во јавност и имала „повеќе предмети отколку што некогаш би можела да носи, користи или складира“.
Таа ја спомена и нејзината „извонредна дарежливост“ и заклучи дека е во согласност со нејзиниот карактер да подарува предмети и да не го менува мислењето за тоа.
Пари во изјавата прочитана во судот рече: „Стоев покрај Ејми како пријателка, креативен партнер и нејзин костимограф. Она што го споделивме беше изградено врз доверба, лојалност и искрена љубов кон работата.
„Засега, мојот фокус е на обнова на мојот живот и кариера, како и на заштита на моето име, работата што ја создадов со Ејми и нејзиното наследство“, се вели во изјавата.
МИА
Ново на Сител
-

Тема на денот со др. Ана Пепељугоска Стојкоска, адвокатка
-

Напад со огнено оружје на настан со Трамп, напаѓачот е уапсен
-

Граѓаните прашуваа, пратениците одговараа - кој го кочи патот кон ЕУ?
-

ЗНАМ нема став за двојните државјанства на пратениците
-

ВМРО-ДПМНЕ предлага измени на Законот за концесии и јавно приватно партнерство
-

Македонија ја тресе серија на сексуална патологија - како да се заштитат децата од предатори и уцени?
-

Пчеларите под притисок: Помалку мед, повеќе фалсификати
-

Нови инвестиции за унапредување на туристичките локалитети во Ново Село
